Косовската полиција го уапси 65-годишниот татко на починатиот 27-годишен маж, откако тој и неговото тримесечно бебе беа пронајдени мртви во нивниот семеен дом во селото Демирај кај Гњилане, подрачје во близина на границата со Македонија.
Првичните информации објавени во медиумите укажуваа дека таткото и детето загинале во експлозија на уред што младиот човек наводно сам го активирал. Сепак, по преземените истражни дејствија, полицијата го преквалификува случајот и го третира како сомнение за тешко убиство.
Според полициското соопштение, пријавата за сомнителната смрт била примена во 8:47 часот наутро, по што на местото на настанот биле упатени полициски екипи, дежурен обвинител и брза помош, чиј лекар констатирал смрт кај двете лица.
По наредба на обвинителот, на 65-годишниот осомничен му е одреден притвор во траење до 48 часа.
Врз основа на првичната истрага, се сомнева дека инцидентот се случил во рамките на семејството, се вели во полициското соопштение, во кое се потврдува дека случајот се истражува како тешко убиство.
Полицијата соопшти дека во соработка со обвинителството се преземаат сите потребни истражни мерки за целосно расчистување на случајот, а телата се пренесени на обдукција во Институтот за судска медицина во Приштина.
Дел од медиумите објавија дека бебето живеело со таткото откако мајката го напуштила семејството, како и дека младиот човек имал долгогодишни проблеми со зависности, но овие детали засега немаат официјална потврда од полицијата.
Во меѓувреме се појави и неофицијална верзија според која младиот човек прво го убил детето, по што неговиот татко го убил него. Надлежните органи засега ги немаат потврдено овие тврдења, па сите детали околу редоследот на настаните и мотивите ќе бидат познати по завршувањето на обдукцијата и истрагата.

