Марихуана, кокаин, кафеава прашкаста материја и предмети со остатоци од марихуана биле пронајдени и одземени на повеќе локации низ државата во текот на вчерашниот и денешниот ден. Петмина се приведени во овие полициски дејствија.
Меѓу приведените е и еден германски државјанин на 43-годишна возраст, кому вчера на ГП Табановце во 13:10 при преглед на личниот багаж му била најдена марихуана.
Истиот ден во 16 часот бил лишен од слобода и С.М. (37) од Германија, откако при преглед на кампер возило „опел“ со германски регистарски ознаки била пронајдена и одземена марихуана. Двете лица биле предадени во полициска станица за понатамошна постапка.
Во Скопје, на подрачјето на Центар, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода Т.И. (35) од Штип, кај кого била пронајдена марихуана.
Поголема количина кафеава прашкаста материја е пронајдена и во КПУ „Идризово“. Извршен бил претрес во 21:20 на четворица осуденици, а затворската полиција пронашла 54 пакувања со дрога.
На локалниот пат меѓу селата Боговиње и Селце Кеч, полициски службеници од Полициското одделение Камењане при преглед на патничко возило „бмв“ со тетовски регистарски ознаки пронашле кокаин кај Е.А. (37) од Боговиње. Тој бил лишен од слобода и задржан во полициска станица.
Утринава во 2:40 часот на улицата „Партизанска“ во Охрид бил приведен Ц.В. (18) од струшко село, кај кого при преглед биле пронајдени предмети со остатоци од марихуана.
Од МВР информираат дека по целосно документирање на случаите против лицата ќе бидат поднесени соодветни пријави.

