Српската Народна банка ја одзеде лиценцата за работа на Алта банка. Но како дојде до тоа?
Одлуката на Извршниот одбор на Народната банка дојде непосредно по парламентарните избори во неделата, на кои поранешниот премиер и претседател Александар Вучиќ по 14 години ја загуби власта.
Дел од српските медиуми пишуваат и дека на вработените во Алта банка платата им била исплатена однапред, а кажано им било парите веднаш да ги префрлат на други сметки.
Во понеделникот, ден по изборите работата била редовна и без никакви промени. Избори од банката за порталот „Нова економија“ рекле дека на тој ден во банката се однесувале како ништо да не се случува.
„Беше свикан вонреден колегиум каде што објавија дека сè е во ред и дека тврдењата оти од банката се повлекуваат огромни суми пари се само сензационалистички наслови во весниците“, што ги негираше и Народната банка на Србија (НБС), вели изворот на „Нова економија“.
Веќе наредниот ден, 27 октомври, внатре во системот почнаа да се појавуваат гласини дека преку менувачницата се исплаќаат повеќемилионски суми во евра и дека Елекстростопанство на Србија префрлило повеќе од 300 милиони динари (пет милиони евра) од својата сметка во Поштенската штедилница. Вработените почнале да ги забележуваат овие масовни повлекувања на пари.
„Станува збор и за физички и за правни лица, конверзии – дури и конверзии од повеќе милиони долари, со кои луѓето префрлаат пари на сметките на други банки во Србија“, вели изворот на „Нова економија“.
Ситуацијата кулминирала во петокот изутрината. Тим од Народната банка упаднал во банката. Менаџментот организирал состанок каде на вработените им било кажано дека сѐ е во ред. Вработените дента добиле плата, порано од предвиденото. Но добиле и забелешка парите итно да ги префрлат на сметки во други банки. Доколку немаат, веднаш да отворат.
„Беше прашање дали ќе ги исплатат платите, бидејќи тоа се случуваше додека Народната банка беше внатре. Од фактот дека сè е во ред до паничното префрлање на пари… Прашање е што откри Народната банка кога ни ја одзедоа дозволата за работа преку ноќ“, вели еден од изворите од Алта банка, пренесува „Нова економија“.
Вработените велат дека повеќето приватни клиенти на Алта се всушност руски државјани кои дојдоа во Србија по почетокот на војната во Украина.
„Русите имаа огромни суми пари кај нас, и физички и правни лица, засега ќе им бидат исплатени 50.000 евра, што е она што ѝ беше кажано на јавноста“, велат изворите на порталот.
Јавното обвинителство за организиран криминал на Србија побарало од Службата за борба против организиран криминал итна проверка на целото работење на Алта банка и околностите што доведоа до одземање на нејзината лиценца за работа, но претходно во вторник, 27 октомври, побара од Народната банка на Србија податоци за сите трансакции на таа банка во странство во претходниот месец.
Тоа барање, како што е наведено во соопштението на обвинителството, следеше по објавите во медиумите и социјалните мрежи за одливот на пари.
На 30 октомври, НБС ги достави до ова обвинителство податоците од кварталните извештаи со кои располага (состојба на 20 септември), додека објави дека ќе може да ги достави податоците за преостанатиот период по 4 ноември.
Потоа, обвинителството побара податоци за конверзијата и одливот на средства од сметките на Алта банка во странство, а на 30 октомври испрати до МВР барање за проверка на работењето на банката и одговорните лица во НБС, во врска со можни трансфери на пари во странство.
Народната банка на Србија поднесе кривична пријава против Алта банка и неколку одговорни лица во таа банка до обвинителството.
Претходно, обвинителката Бојана Савовиќ изјави дека има сознанија дека Јавното обвинителство за организиран криминал веќе има претходно оформен случај во врска со директорот и сопственикот на таа банка.
„Писмо од тоа обвинителство беше испратено до НБС, Дирекцијата за спречување на перење пари, и мислам дека сè вроди со плод“, изјави обвинителката за Н1
Таа додаде дека примерот со Алта банка покажува дека „сè се случува и се урива побрзо отколку што некој очекуваше“, додавајќи дека е „многу задоволна од брзиот развој на настаните“.
„Немам никакви посебни симпатии кон таа банка. Таа банка служеше грубо за перење нелегални пари на оваа земја и не мислам дека некој има емпатија кон неа. Не можете да ја разберете како која било друга банка“, оцени таа за Н1.
Стечајот на банката, која се фалеше дека е најбрзорастечка во Србија, ќе отвори многу други прашања, на кои засега нема одговори. Сепак, некои веќе имаат навестување, бидејќи е речиси незамисливо дека Алта банка, чија судбина е крајно неизвесна, ќе може да го заврши планираното преземање на Адико банка во Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, и речиси е сигурно дека ќе мора да бараат нов газда.
Ликвидацијата на Алта банка во Србија внесе голема вознемиреност меѓу граѓаните во македонија, а и во банкарскиот сектор. Алта ја купи Атопанска банка Битола лани, иако имаше многу укажувања во јавноста дека таков чекор е ризичен. Народната банка и гувернерот Трајко Славески го одобрија тој потег. Пред банкоматите во повеќе градови, особено во Битола, вчера се формираа големи редови од граѓани кои вадеа пари стравувајќи што ќе се случува. Народната банка смирува дека одлуката за одземање на дозволата за работа се однесува на работењето на банката во Србија и сама по себе не значи автоматско одземање на дозволата за работа на Алта банка АД Битола.
Домашната банка е самостојно правно лице, основано и регистрирано во Македонија, чие работење се оценува согласно домашната законска и регулаторна рамка. Народната банка, како надлежен супервизор ја следи состојбата и постапува во согласност со законските одредби. Народната банка ги следи и сите околности што можат да влијаат врз работењето на домашната банка, вклучително и ризиците што произлегуваат од нејзината сопственичка поврзаност. НБМ апелира до јавноста да се потпира на официјални и проверени информации и да не донесува заклучоци врз основа на непотврдени тврдења и шпекулации.

