Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, преку социјалните мрежи информираше за редовната акција за темелно чистење на плоштадот „Македонија“ и Камениот мост, нагласувајќи дека по години запоставеност, повторно се става во функција препознатливата подна фонтана.
Според најавата, фонтаната во моментов е пуштена во пробна работа, при што се вршат неопходни проверки, калибрирање и прецизно нагодување за да работи правилно и повторно да стане симбол на градот и омилено место за детска радост и средби.
Ѓорѓиевски испрати и децидна порака во врска со заштитата на јавниот простор, истакнувајќи дека просторот на подната фонтана никогаш повеќе нема да биде премин за автомобили и тешки товарни возила, бидејќи плоштадот им припаѓа исклучиво на граѓаните.
„Чистењето не е еднократна акција, туку секојдневна работа. Обновата нè обврзува на трајно одржување, а секое вложување на одговорност да го зачуваме. Останувам посветен на дадениот збор“, порача Ѓорѓиевски, додавајќи дека Скопје се гради заедно со дела со кои ќе се гордеат идните генерации.

