Министерот за здравство Сашо Клековски, ги претстави клучните приоритети на македонското здравство на 76-тата седница на Регионалниот комитет на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа, што се одржува во Копенхаген.
За време на своето обраќање пред министрите за здравство од регионот, Клековски посочи дека сите европски земји се соочуваат со слични предизвици во овој сектор.
– Предизвиците со кои се соочуваме се заеднички за цела Европа: стареење на населението, сè повеќе незаразни болести и заминување на здравствени работници. Одговорот бара вложување, добри политики и соработка – истакна Клековски.
Тој ги дефинираше главните насоки во кои ќе се развива домашниот здравствен систем:
- Дигитално здравство за поповрзан и потранспарентен систем,
- Посилна примарна заштита и превенција со рано откривање на болестите, вклучително и ракот,
- Поголема примена на забраната за пушење и мерки за засладените пијалоци,
- Подобар пристап до лекови и поголема заштита за пациентите.
Клековски упати благодарност до СЗО и тимот во Скопје за континуираната поддршка, порачувајќи дека заедничката работа продолжува за обезбедување подобро здравје за сите граѓани.

