Со музика, спорт и хуманитарна иницијатива, Општина Карпош го одбележа патрониот празник на ООУ „Петар Поп Арсов“, обединувајќи повеќе генерации ученици, наставници и граѓани во знак на солидарност и поддршка за училиштето.
По иницијатива на градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, и на поранешни ученици на некогашното ООУ „Иван Горан Ковачиќ“, се одржа хуманитарен музички настан под мотото „Од ИГК со љубов за ППА“. Настанот имаше за цел да го поттикне заедништвото и да ја зајакне поврзаноста меѓу поранешните и сегашните генерации на училиштето.
За добрата атмосфера се погрижија поранешни ученици кои денес се афирмирани музичари, меѓу кои Мартина Христовска, Гуру Харе и Петар Ренџов – Пепи. Нивните настапи внесоа посебна емоција во прославата, потсетувајќи на заедничките спомени и долгогодишната поврзаност со училиштето.
Настанот собра и поранешни ученици и наставници, кои повторно се вратија во училишните простории за да ги обноват спомените и да дадат поддршка на иницијативата за подобрување на условите за образование, спорт и развој на младите.
Спортскиот дел од програмата беше одбележан со ревијалниот одбојкарски натпревар „Искуство vs. Младост“. На теренот се сретнаа професорки, поранешни македонски репрезентативки и шампионки, и нивните ученички, млади одбојкарки кои го покажаа својот талент и спортски дух.
Покрај дружењето и забавата, централно место во настанот имаше хуманитарната цел. Средствата собрани во рамки на иницијативата ќе бидат искористени за обнова на надворешното одбојкарско игралиште во ООУ „Петар Поп Арсов“, со што ќе се создадат подобри услови за спортски активности и рекреација на учениците.
Одбележувањето на патрониот празник испрати порака дека заедништвото, меѓугенерациската солидарност и грижата за младите се вредности што ја поврзуваат заедницата и придонесуваат за создавање подобра училишна средина.

