Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците денеска ќе ги разгледува извештаите за работата на Судскиот совет и за реализацијата на Судскиот буџет за 2025 година.
На дневен ред се Извештајот на Судскиот буџетски совет за трошењето на средствата од судскиот буџет и Годишниот извештај за работата на Судскиот совет.
Според годишниот извештај, во текот на 2025 година до Судскиот совет биле поднесени 90 нови барања за поведување постапка за утврдување одговорност, кои опфаќале вкупно 161 судија. За секое барање бил оформен предмет по кој постапувала тричлена комисија составена од членови на Советот избрани по пат на ждрепка.
Во истиот период, Советот постапувал и по 425 претставки, од кои 13 биле оценети како основани, додека останатите биле отфрлени како неосновани.
Анализите покажуваат дека најголем дел од претставките се однесувале на незадоволство од судските одлуки, односно на наводи што вообичаено се изнесуваат во жалбена постапка. Дел од нив се однесувале и на одолговлекување на судските постапки и непочитување на законските рокови за преземање процесни дејствија.
Податоците од годишните извештаи за работата на судовите покажуваат дека судовите во земјава ја започнале 2025 година со 134.729 нерешени предмети. Во текот на годината примиле уште 540.122 нови предмети, со што вкупниот број предмети во работа достигнал 674.851.
Од вкупниот број предмети, решени биле 540.241, додека на крајот на годината останале нерешени 134.610 предмети. Во текот на 2025 година биле евидентирани и 217 погрешно заведени предмети.

