Воен авион од типот „Мираж-2000Д“ се урна во вторникот вечерта за време на тренинг лет во североисточниот дел на Франција, во близина на градот Нанси.
Француското Министерство за одбрана соопшти дека во несреќата загина најмалку еден член на екипажот, додека надлежните служби сè уште трагаат по вториот член.
Остатоците од леталото биле лоцирани со помош на дрон, потврди градоначалникот на Понт-а-Мосон, Анри Лемоан.
Според неговите информации, авионот паднал околу 23:35 часот, во подрачјето помеѓу населените места Рожевил, Домевр-ан-Е и Тремблејкур, на потегот меѓу Нанси и Мец.
Во леталото се наоѓале пилот и копилот. За утврдување на сите причини кои довеле до падот на авионот веќе е покрената судска истрага.
На терен веднаш се упатени бројни екипи на полицијата и противпожарните служби за утврдување на точната локација на падот.
Во местото Рожевил е формиран кризен команден центар, а локалното население е предупредено за можни тешкотии во сообраќајот низ таа област.

