Родителите во Општина Центар имаат доволно места за згрижување на децата во градинките, но недостигот од воспитувачи, негуватели и стручен кадар останува еден од главните проблеми со кои се соочува општината. Градоначалникот Горан Герасимовски вели дека за пополнување на испразнетите работни места се чекаат потребните согласности од надлежните институции.
Во интервју за „Ноќно студио“ на 4ТВ, Герасимовски посочи дека општината не бара одобрување за нови вработувања, туку дозвола да ги пополни работните места на вработените кои заминале во пензија.
Тој информираше дека за проблемот разговарале и со министерот за социјална политика, демографија и млади, на состанок со претставници на ЗЕЛС. Според него, прашањето за недостигот од кадар е важно за нормалното функционирање на градинките и е заеднички предизвик за општините.
Дополнителен простор за згрижување деца е обезбеден со отворањето на новата градинка „Пролет“. Герасимовски нагласи дека при уписот предност имаат децата чии родители се жители на Општина Центар.
Родителите, исто така, можат преку општинскиот ГИС-портал да добијат информации за реонизацијата и уписите во градинките и училиштата.
Градоначалникот посочи и дека во Центар има повеќе запишани деца во градинките и училиштата во споредба со минатата година, што, според него, е различен тренд од оној во општините кои се соочуваат со иселување и намалување на бројот на деца.
Општината најавува и нова инвестиција во предучилишното образование. Станува збор за изградба на градинка во близина на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. За проектот е предвидена државна парцела, тој е вклучен во општинската програма, а обезбедени се и буџетски средства. Според најавите на Герасимовски, наскоро се очекува да започнат активностите за реализација.
Од општината очекуваат со пополнување на испразнетите работни места и планираните инвестиции да се обезбедат подобри услови за децата и непречено функционирање на градинките.

