Денеска е промовирана новата дигитална платформа „ЕкоСкопје“, дигитално решение преку кое граѓаните ќе можат брзо и едноставно да пријавуваат еколошки проблеми, а градските служби да добиваат точни информации за нивно санирање.
Платформата овозможува пријавување диви депонии, оштетени контејнери или други комунални дефекти со испраќање точна локација, фотографија и краток опис. По поднесувањето, граѓаните ќе можат во реално време да го следат статусот на нивната пријава.
„Зад секоја пријава стои наш сограѓанин кој очекува решение. Затоа, вредноста на оваа платформа ќе ја мериме преку решените проблеми и промените што граѓаните ќе ги почувствуваат во своето маало“, истакна Орце Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека проектот е младинска иницијатива реализирана со поддршка од Европската Унија и организацијата ЛЕАД, нагласувајќи дека Град Скопје паралелно инвестира и во подобрување на комуналната опрема.
„Набавивме 3.300 нови контејнери, најголемата ваква набавка во историјата на градот, како и нови камиони за собирање смет, цистерни и метларки. Во тек е и постапката за воведување видеонадзор, кој ќе помогне во откривањето и постапувањето против оние што намерно создаваат диви депонии“, додаде тој.
Во обраќањето беше нагласено дека јавната чистота претставува колективна одговорност на институциите и на сите жители.
„Јавната чистота е колективна одговорност. Наша должност е да обезбедиме услови и да постапуваме, а заедничка должност е да го чуваме градот. Технологијата ни дава нова можност, а нашата посветеност треба да ја претвори во почисто и поуредено Скопје“, рече Ѓорѓиевски.
Тој изрази благодарност до ЕУ, ЛЕАД и младинскиот тим што работеше на апликацијата, повикувајќи ги скопјани активно да ја користат платформата за побрзо лоцирање на комуналните проблеми на терен.

