Од СДСМ обвинуваат дека премиерот Христијан Мицкоски и неговиот соработник Николовски се обидуваат да најдат оправдување за распишување предвремени парламентарни избори, поради, како што велат од партијата, падот на поддршката за ВМРО-ДПМНЕ и проблемите со кои се соочува власта.
Од опозициската партија тврдат дека анкетата што ја нарачала власта покажувала пад на поддршката за ВМРО-ДПМНЕ за повеќе од 40 проценти во споредба со минатите избори. Според СДСМ, власта се соочува со економски проблеми, дипломатски скандали и незадоволство кај граѓаните.
Од СДСМ обвинуваат дека буџетот е во сериозен недостиг, дека се најавува трет ребаланс и дека задолжувањето на државата за две години достигнало четири милијарди евра. Партијата тврди дека недостигаат средства за пензиите и дека нема реализација на ветувањата за зголемување на минималната плата на 600 евра, поддршка за земјоделците и помош за младите.
Во соопштението, СДСМ ја критикува и економската политика на Владата, посочувајќи ги најавите за ангажирање странски работници, отворање нови рудници и реализација на големи инфраструктурни и енергетски проекти. Од партијата сметаат дека овие политики не нудат решенија за проблемите со животниот стандард и домашната економија.
Опозицијата упатува критики и за надворешната политика на Владата, односите со соседните земји и евроинтегративниот процес. Од СДСМ велат дека власта не ги исполнува ветувањата за реформи и дека се обидува да го пренасочи вниманието од економските и политичките проблеми преку отворање нови конфликти.
СДСМ обвинува и за мешање во правосудството, посочувајќи ги наводите за политички влијанија врз судските и обвинителските постапки. Партијата ја критикува и работата на Министерството за внатрешни работи, како и недостигот на јавно достапни извештаи за исправноста на водата на повеќе локации во земјата.
Од СДСМ оценуваат дека во ВМРО-ДПМНЕ расте незадоволството и дека дел од партиското членство стравува оти поддршката ќе продолжи да опаѓа доколку не се одржат избори во блиска иднина. Според нив, барањето за предвремени избори е обид да се најде политичко оправдување за состојбите во државата.
„Од СДСМ нема да добијат алиби. Нема да бидеме алиби за криминална организација“, порачуваат од партијата, додавајќи дека власта треба да одговара за своите постапки пред независно судство.

