Фискалната дисциплина, поефикасното трошење на јавните средства и забрзувањето на структурните реформи беа во фокусот на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка, на кои учествуваше министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
На завршната пленарна сесија во Бангкок беше истакнато дека глобалната економија се соочува со повторени економски шокови, инфлациски притисоци и намалување на фискалните и енергетските резерви. Во такви околности, одговорното управување со јавните финансии и внимателното креирање на економските политики се посочени како важни предуслови за зачувување на стабилноста и обезбедување одржлив раст.
Министерката Димитриеска-Кочоска порача дека приоритет на Владата е фискалната консолидација, подоброто користење на јавните средства и спроведувањето реформи што треба да ја зголемат продуктивноста, да ги поттикнат инвестициите и да ја зајакнат конкурентноста на домашната економија.
„Нашиот фокус е на фискална консолидација, поефикасно користење на јавните средства и спроведување структурни реформи што ќе ја зголемат продуктивноста, ќе ги поттикнат инвестициите и ќе ја зајакнат конкурентноста на домашната економија“, истакна Димитриеска-Кочоска, нагласувајќи дека целта е одржлив раст и подобри перспективи за граѓаните и компаниите.
Во рамки на средбите во Бангкок, министерката разговарала со претставници на Светската банка, меѓу кои регионалната потпретседателка за Европа и Централна Азија, Антонела Басани, потпретседателот на Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) за Европа, Латинска Америка и Карибите, Алфонсо Гарсија Мора, како и извршниот директор на Светската банка, Јуџин Ругенат.
На разговорите била нагласена потребата од забрзување на реформите, реализација на стратешките инвестиции и поголема поддршка за приватниот сектор како двигател на економскиот раст.
Димитриеска-Кочоска остварила средби и со претставници на ММФ, меѓу кои заменикот на генералниот директор Бо Ли, директорот за Европа Матеуш Шчурек, извршниот директор Јерун Клик и заменикот на извршниот директор Марникс ван Рај. Во фокусот биле фискалната консолидација на среден рок, одржувањето на буџетската дисциплина и реформите за зајакнување на отпорноста на јавните финансии, со истовремено зачувување на поддршката за инвестициите и економскиот раст.
Учеството на Годишните средби овозможило размена на искуства со претставници на меѓународните финансиски институции и носители на економските политики за актуелните глобални економски движења и нивното влијание врз националните економии.

