Во чест на Тоше Проески, денеска во 16 часот, на улицата „Тоше Проески“ во Ново Лисиче ќе се одржи настанот „Тоше, те сакаме сите“, под мотото „Добрината не престанува – таа расте“.
Настанот го организираат ООУ „Лазо Ангеловски“, наставниците и родителите, со цел да се одбележи 19-годишнината од смртта на македонската музичка легенда и да се зачуваат споменот на неговата музика, хуманост и добрина.
Манифестацијата е отворена за сите граѓани, а организаторите ги повикуваат почитувачите на Тоше, младите и скопјани да се приклучат и заеднички да му оддадат почит на пејачот кој остави неизбришлива трага кај публиката.
Програмата ќе ги обедини учениците, музичарите и посетителите преку музички настапи и пораки посветени на добрината. Предвидено е и отворање на ново хортикултурно катче, уредено со помош на родителите, како и пораки од децата посветени на ликот и делото на Тоше.
На сцената ќе настапат училишниот хор и оркестар на ООУ „Лазо Ангеловски“, Next Time, Ламбе Алабаковски, Владимир Поповски, Тамара Волчевска, Мими Јовановска, Бојана Арсовска, The Crew, Дамјан Димевски и Ангела Влинтовска.
Дел од програмата ќе бидат и младите таленти Јосиф Коштримовски, Михаил Милошевски, Билјана Ивановска, Андреј Цаневски, Нела Манчевска, Лара Митевска, Бјанка Цорциана Дуца, Агнеса Русомаровска, Софија Недановска и други изведувачи.
Настанот е поддржан од Општина Аеродром, Универзална сала и Lions in Move, а во организацијата помагаат и Baking Bread, Местенце и Лапетит. Организаторите упатуваат благодарност до сите ученици, изведувачи, родители, наставници и поддржувачи кои придонесуваат за реализацијата на манифестацијата.

