Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев нема да се откаже од нападите врз руската нафтена инфраструктура и покрај притисокот од САД да ги запре, предупредувајќи дека евентуалното ограничување на американската разузнавачка поддршка и сателитските комуникации ќе предизвика големи човечки жртви.
Во интервју за медиумите во Лондон, Зеленски нагласи дека претходните ограничувања за нападите врз руските нафтени објекти повеќе не важат.
„Блокадата на нападите врз рафинериите повеќе не е на сила. Завршивме со тоа“, изјави украинскиот претседател.
Според него, американските претставници ги предупредиле воените власти во Киев дека Вашингтон може да ја ограничи размената на разузнавачки информации доколку Украина продолжи со нападите врз руските енергетски капацитети. Овие тензии доаѓаат во контекст на обидите на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да ги запре овие напади, вклучително и поради напорите за намалување на цените на горивата и договореното снабдување со руски дизел на светскиот пазар, што Зеленски го оценил како „јасна победа“ за Кремљ.
Дополнително, спорот се продлабочи по ограничувањата во користењето на сателитскиот систем Starlink, кој е неопходен за комуникација на украинските сили на фронтот. Зеленски предупреди дека ваквите чекори се „голема грешка“ што директно ќе ги загрози животите на војниците и цивилите.
Украинските власти изразија загриженост и поради намаленото споделување разузнавачки податоци за рани предупредувања од руски балистички ракети, особено по неодамнешните напади кога сирените во Киев се огласувале дури при самото приближување на проектилите.
За време на посетата на Лондон, каде што се сретна со британскиот премиер Енди Бернам и кралот Чарлс III, Зеленски се обиде да ја зајакне европската поддршка за Украина во услови на зголемена неизвесност околу иднината на американската помош.

