Германски државјанин бил приведен на граничниот премин Табановце откако цариниците кај него пронашле различни видови дрога, меѓу кои хашиш, амфетамин, MDMA и тетрахидроканабинол (THC). Тој патувал со својот сопружник, а случајот е документиран и со снимки од боди-камерите на царинските службеници.
При контролата на автомобилот, на влез во државата, биле пронајдени зеленкаста супстанца во црна кесичка, жолта восочна материја во црни кутивчиња, како и дрога во форма на бомбони. Цариниците пронашле и дробилки и вага за прецизно мерење.





Дополнителни супстанци биле откриени и при личниот претрес на германскиот државјанин. Станувало збор за материја со зеленкаста боја, бел прав, бел гел и таблети со портокалова и кафена боја.
По приведувањето, инспекторите од Одделението за истраги презеле предистражни дејствија, а по налог на јавен обвинител било извршено и вештачење за утврдување на составот на пронајдените супстанци.
Против германскиот државјанин е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Куманово за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори.

