Делегација од Северна Македонија, предводена од гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ќе учествува на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, кои оваа седмица ќе се одржат во Бангкок, Тајланд.
Во рамки на посетата се планирани разговори со претставници на двете меѓународни финансиски институции, како и со други финансиски организации, со фокус на монетарната политика, економскиот развој и унапредувањето на финансиските системи.
Гувернерот Славески ќе се обрати и на настан посветен на економските перспективи на Европа, каде што ќе зборува за можностите за побрз економски раст, повисока продуктивност и приближување на земјите од регионот кон Европската Унија.
Меѓу главните теми на средбите со претставниците на ММФ ќе бидат продолжувањето на соработката во областа на монетарната политика и статистиката. Предвидени се разговори со заменикот на генералниот директор на Фондот, Бо Ли, директорот за Европа, Матеуш Шчурек, извршниот директор Јерун Клик и заменикот на извршниот директор Марникс ван Рај.
Делегацијата на Народната банка ќе разговара и со претставници на одделите за статистика, правни работи и монетарни и капитални пазари на ММФ, при што ќе бидат разгледани досегашните резултати од меѓусебната соработка.
Во фокусот на разговорите со Светската банка ќе бидат модернизацијата на платните системи, дигитализацијата на плаќањата и усогласувањето на домашната регулатива со европските стандарди. Најавени се средби со потпретседателката на Светската банка, Антонела Басани, и со извршниот директор за конституенцата во која членува земјава, Јуџин Ругенаат.
Посебно внимание ќе биде посветено на воспоставувањето национален систем за инстант плаќања, заснован на моделот ТИПС на Евросистемот. Ќе се разговара и за пошироката примена на електронските плаќања, воведувањето национален стандард за плаќање со QR-код, усогласувањето со законодавството на Европската Унија и зајакнувањето на сајбер-безбедноста на платните системи.
Годишните средби на ММФ и Светската банка се еден од главните меѓународни форуми за размена на мислења меѓу гувернерите на централните банки, министрите за финансии и претставниците на финансиските институции за глобалните економски движења, финансиската стабилност и предизвиците за економскиот развој.

