Само во изминатата недела на српските патишта се случија 746 сообраќајни несреќи во кои животите ги загубија 11 лица, додека 389 беа повредени. Поради оваа лоша статистичка состојба, денеска започнува голема меѓународна полициска акција која ќе трае до 11 октомври 2026 година, а се спроведува во 34 земји членки на организацијата ROADPOL.
Сообраќајната полиција е распоредена на сите клучни делници и насочено ги контролира трите најчести прекршоци: користењето мобилни телефони, употребата на аудио и видео уреди, како и некористењето на безбедносни појаси на предните и задните седишта.
Од Министерството за внатрешни работи на Србија предупредуваат дека користењето телефон во рака го зголемува ризикот од несреќа за четири до дваесет пати, што го прави овој прекршок еден од најопасните безбедносни проблеми денеска. Властите упатуваат апел до возачите за максимална одговорност и потсетуваат дека безбедносните појаси се задолжителни за сите патници, а децата мора да се превезуваат на пропишани седишта.

