Пратеничката Славјанка Петровска преку објава на социјалните мрежи изнесе сериозни обвинувања дека со денови добива закани со цел да замолчи во нејзините барања за реформи и ветинг во СДСМ.
Таа укажа на координација во јавните настапи на политичките актери, посочувајќи ги Венко Филипче, Владо Мисајловски и ВМРО-ДПМНЕ.
– Со денови, од Бихаќка добивам закани да замолчам во барањето на реформи и ветинг во СДСМ, или ќе видам што ќе ми се случи. И видете синхорнизирано, Венко Филипче вчера на прес, Мисајловски на интервју, а ДПМНЕ утринава на прес со исти тези, исти напади. Па има ли подобар доказ за нивниот договор и очигледната потреба да ја заштитат најдобрата инвестиција на ДПМНЕ на Бихаќка, а тоа е Венко Филипче. Во интерес на тоа се активираат истите лаги и манипулации кои беа ширени и пред една година – истакна Петровска.
Таа ги повика надлежните институции да ги проверат наодите, а политичките противници ги предизвика на соочување: – Јавноста има право да ја знае вистината, ги повикувам надлежните институции час поскоро да ги проверат наодите, а Мисајловски и Филипче ги повикувам на телевизиско соочување на оваа тема, сакаат поединчено, сакаат здружено како што дејствуваат, сакаат еден по еден – порача Петровска.

