Портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција истакна дека јавноста веќе гледа кој медиумски ја спонзорира новата платформа ЗНАМ 2.0, додавајќи дека нејзин покровител е премиерот Христијан Мицкоски.
Кузеска потсети на претходните обвинувања на партијата во врска со лобирањето во странство и плановите за рудниците.
„Приватна фирма за муниција, оружје. FARA 6170. 1,56 милиони долари годишно. Човек уапсен за мито околу оружје. Казна платена од човек од кокаински канал.“ „За нив провизија. За народот отров.“
Таа нагласи дека наместо одговори од власта, се води кампања против претседателот на СДСМ, Венко Филипче, со вклучување на различни медиумски и политички структури. Според неа, поддршката што министрите од ЗНАМ 1.0 ја даваат за ЗНАМ 2.0 е доказ за координирани дејствија.
„Ете, граѓаните сега имаат црно на бело. Тендери за основачите на Платформата „за иднината на Мицкоски“. 1,6 милиони евра. Помалку од Гета. Повеќе од нивната чест.“
На крајот, Кузеска порача дека ваквите кампањи нема да успеат и дека власта наскоро ќе се врати во рацете на граѓаните.

