Close Menu
Press24
    Најново

    Нафтата поевтинува но во понеделник е можно ново поскапување на дизелот

    18.09.2026 во 12:13

    Доаѓа силен Ел Нињо – какво време нè очекува во текот на зимата

    18.09.2026 во 23:32

    Делчево: Се чуделе како возел кога виделе колку е пијан

    18.09.2026 во 12:06
    Facebook X (Twitter) Instagram
    • Ивон Величковски: Кое е тоа Собрание што ќе гласа против 150 или 300 илјади граѓани за ЕУ?
    • Животот станува сè поскап: Еве колку изнесува синдикалната кошница за септември
    • Младо момче ќе одговара кривично – полицијата го фати со марихуана
    • Штерјова: Му ја откривме шемата на Мицкоски за струјата – еве го неговиот енергетскиот октопод
    • ФОТО: Фрлил градежен шут во Кисела Вода – инспекторите го фатиле на дело
    • СДСМ: ЗНАМ е приврзок, отчетот е само проба за следните чекори
    • Искористете го сонцето – наскоро доаѓа драстична промена
    • Трагедија ја потресе Македонија: Загинаа две лица, три се повредени
    • Најново
    • Популарно
    • Маркетинг
    • Импресум
    Facebook Instagram TikTok
    Press24Press24
    • Насловна
    • Македонија
      • Политика
      • Скопје
      • Црна хроника
    • Бизнис
    • Свет
      • Регион
    • Забава
    • Спорт
    • Технологија
    • Интервју
    Press24
    Home » Ивон Величковски: Кое е тоа Собрание што ќе гласа против 150 или 300 илјади граѓани за ЕУ?

    Ивон Величковски: Кое е тоа Собрание што ќе гласа против 150 или 300 илјади граѓани за ЕУ?

    20.09.2026 во 12:2520 Mins Read
    Сподели
    Facebook Twitter WhatsApp

    Прашањето дали Македонија ќе направи конкретен чекор кон Европската Унија во следните две години, според Ивон Величковски, не може да остане ниту само партиска тема ниту прашање за политичко надмудрување меѓу власта и опозицијата. Претседателот на Нова Република во интервју за „Прес 24“ зборува за иницијативата со која би се собрале 150.000 потписи за уставните измени, но и за можноста бројот на потписниците да достигне 200 или 300 илјади.

    „Кое е тоа Собрание што ќе гласа против барање на 150, 200 или 300 илјади граѓани кои сакаат државата да стане дел од Европската Унија заедно со Црна Гора и Албанија?“, прашува Величковски, според кого политичките партии треба да изберат дали ќе поддржат собраниска иницијатива или граѓанска иницијатива со потписи, но „само нека ја завршат обврската кон нацијата и државата“.

    Во интервјуто тој ја проблематизира и политиката на актуелната власт кон европските интеграции, особено односот кон преговарачката рамка со ЕУ и уставните измени. Величковски тврди дека преговарачката рамка е гаранција дека нема да се отвораат нови услови во текот на преговорите, а за политиката на премиерот Христијан Мицкоски вели дека со таргетирањето на преговарачката рамка можела да доведе до дополнително одложување на европскиот пат.

    „Преговарачката рамка, всушност, е гаранцијата за нас дека нема нови услови“, вели Величковски.

    Но европската интеграција не е единствената тема на која претседателот на Нова Република ја критикува актуелната политика. Тој зборува и за економијата, задолжувањето, банките, животниот стандард и политиките кон граѓаните, при што остро ја критикува зависноста од задолжување и моделот што, според него, се создава преку обложувалниците и брзите кредити.

    „ВМРО-ДПМНЕ избра да води економија на обложувалници и „брзи кредити“. Тоа не е економија туку извор на задолженост на граѓаните, опаѓање на животниот стандард и уништување на семејствата“, вели тој.

    Величковски предупредува и на демографските последици од продолжувањето на актуелните политики. Како една од последиците го посочува иселувањето и намалувањето на бројот на деца во земјата, па оценува дека ако не се преземе потребното, „на 1 септември 2027 година ќе ни недостасуваат уште 5.000 првачиња“.

    Истовремено, тој смета дека политичките партии мора да преземат ризик доколку сакаат да понудат јасна политичка алтернатива.

    „Подобро е ризикот да го сноси една партија одошто една нација“, вели Величковски, зборувајќи за дилемата дали политички е полесно да се води кампања „За“ одредена цел наместо кампања „Против“.

    Во интервјуто тој ја претставува и Нова Република како национално-центристичка партија која сака да излезе од досегашната поделба на политичката сцена. Оттаму упатува повик до граѓаните кои не се препознаваат во традиционалните партии, независните локални листи и делови од постојните партии кои не се гледаат во актуелните коалиции.

    „Затоа нудиме да изградиме заедничка платформа на решенија за заедничките проблеми“, вели Величковски.

    Меѓу решенијата што ги предлага Нова Република се ветинг, проширена конфискација на нелегално стекнат имот, проширување на опфатот на рестриктивните мерки, генерален реизбор на судии и обвинители, отворање на архивите на југословенските тајни служби и регулација на криптовалутите.

    Во економскиот и социјалниот дел од програмата Величковски зборува за промени во јавното образование и здравство, ревизија на дипломите и акредитациите на високообразовните установи, намалување на администрацијата, поинаков модел на земјоделски субвенции и раздолжување на државата преку поврат на ДДВ.

    Крајната политичка цел што ја поставува е јасна: почеток и комплетирање на преговорите за членство во Европската Унија во еден мандат.

    ПРЕС 24: Одбележавте една година од формирањето на Вашата нова партија, Нова Република.

    ВЕЛИЧКОВСКИ: Да, една година се бориме за владеење на правото, за слобода, ред и просперитет, за интеграција. Тоа е една година спротивставување на „буџетска економија“ која го уништува претприемништвото како најголем нарачател на услуги и најголем должник. Една година посветени на интересот на македонскиот народ и нацијата на Северна Македонија.

    Републиката е форма на уредување на државата, во која граѓанинот одлучува на избори и потоа преку свои избрани претставници во нему достапни институции. А работата на тие институции е создавање функционална економија, образование, безбедност, правосудството, одбрана, здравство… Нашата мисија е да ја вратиме републиката (во функција) на граѓанинот и нацијата.

    Државата намерно беше срушена во транзицијата за југо-тајкуните да си ги приватизираат фирмите што претходно ги водеа како комунистички кадри. Потоа, 35 години си ја приватизираа државата контролирајќи ги институциите преку нивните партии.

    Сега ние мора да ја постигнеме целта – слобода, ред и просперитет на нацијата и рушење на нивниот систем на организиран хаос во интерес на десетина семејства.

    „ТАТ“, „Дурмо“, „Модуларна“, „Пулс“… покажаа: или тие – или ние.

    ПРЕС 24:  По две години власт на ВМРО-ДПМНЕ, каде денес се наоѓа Македонија – и што конкретно, според вас, е најголемиот неуспех на Владата? Дали проблемот е во неспроведувањето на реформите, во односот кон ЕУ или во тоа што политиката повторно се сведува на партиска пресметка?

    ВЕЛИЧКОВСКИ: Од ЕУ бегаат само олигарсите и нивните политичари, бидејќи за економија моделирана по нивни потреби нема место на конкурентниот заеднички европски пазар.

    Деиндустријализирани со транзицијата и со економија зависна од државата, дополнително осиромашуваме и со популација и со кадри, стануваме увозно позависни и економски неодржливи: Неодржливата економија значи неодржлив буџет; а неодржливиот буџет значи неодржлива држава и отсуство на систем и институции.

    Произведуваме доволно? Извезуваме доволно? Трговскиот дефицит ни се намали? Имаме нови енергетски комплекси? „Големите фирми“ станаа инвеститори во домашното производство? Имаме странски инвестиции? Одговорот на сите овие прашања е: Не.

    ВМРО-ДПМНЕ избра да води економија на обложувалници и „брзи кредити“. Тоа е не е економија туку извор на задолженост на граѓаните, опаѓање на животниот стандард и уништување на семејствата.

    Мицкоски ја продолжи финансиската политика во која задолжувањето во домашните и странските банки е суштински извор, наместо поддршка на буџетот. Да, тоа на долг рок им носи профит на банките, но секако не на граѓаните. Паралелно, државата, како најголем нарачател, повторно станува најголем должник.

    Ако сакаше раздвижување на економијата – Владата ќе го употребеше унгарското задолжување за враќање на долгот кон фирмите за ДДВ, а не за општински клупи и паркови кои веќе се запуштени! 

    ВМРО-ДПМНЕ го урна и последниот мит „дека знае да води економија“. Затоа сега политиката на владата е сведена на прес-препукувања. Каде се (дебатите по) физибилити студиите за проектот „Брза железница“? За дата-центрите? На основа на кои параметри одат три милијарди евра од буџетот?

    Ако владините функционери не знаат колку време ќе се градат проектите и за колку време ќе ги вратат вложените пари – легитимен е сомнежот дека владините функционери се вградени во проектот со личен материјален или политички интерес – на штета на јавниот интерес.

    Но, интересно, ако овие прашања Нова Република може да ги покренува како вонпарламентарна позиција – зарем нема еден „опозициски“ пратеник што ова ќе го постави како прашање во Собранието?

    Затоа проверката на имотната состојба на владините функционери и ним поврзаните лица во и надвор од нивните семејства нема да биде партиска пресметка, туку пресметка со организираниот криминал и корупција. И не само на состојбата на функционерите од оваа влада.

    ПРЕС 24:  Премиерот Христијан Мицкоски не прифаќа уставни измени под условите од Преговарачката рамка и бара дополнителни гаранции. Дали тоа според вас е реална стратегија за заштита на македонските интереси или политичка стратегија за одложување на непопуларната одлука?

    ВЕЛИЧКОВСКИ: Народ и нација без економија води кон иселување. Држава без население е територија. Тоа го знаат и премиерот и ВМРО-ДПМНЕ. За да ја преземе власта – Мицкоски го „качуваше влогот“. Сега, откако оската „Будимпешта – Бања Лука – Белград – Скопје“ е се понефункционална – ВМРО-ДПМНЕ бара начин како да ретерира без загуба на популарност.

    Паралелно, и Владата и претседателката на Републиката сфатија дека нивната политика и позиции не се тема вон медиумите во Скопје. Брисел уште лани им порача: испорачајте го договореното, ништо повеќе и ништо помалку. Затоа, Мицкоски зборува за се освен за потребното, а Силјановска-Давкова практично ја снема по посетата на индиската колешка.

    Фокусот во Брисел за Северна Македонија е опаднат, бидејќи  Преговарачката рамка ги обезбеди сите потребни гаранции и од нас бараните дистинкции – и Скопје за членство во ЕУ преговара со Брисел.

    Оттука, колку подолго Мицкоски ја одложува потребната одлука – толку неговото владеење ќе биде попогубно и за македонскиот народ и за нацијата на Северна Македонија. Повторувам: држава без население прераснува во обична територија. Мицкоски мора да се откаже од таа цел или да не биде во позиција да одлучува.

    ПРЕС 24:  Вие најавувате иницијатива со која би се собрале 150.000 потписи за започнување постапка за уставни измени. Ако навистина успеете да ги соберете, дали очекувате Собранието да ја почитува волјата на тие граѓани – и што ќе направите ако пратениците повторно ја блокираат постапката?

    ВЕЛИЧКОВСКИ: Во неколку наврати ги повикавме „опозициските партии“ во Собранието да ја отворат уставната процедура. ДУИ ја потпиша иницијативата, СДСМ не. Без нив нема доволно пратеници – овластени предлагачи. Филипче знае дека Владата ќе навлезе во процесот само ако е предизвикана. Одлука вака да му го „штитат грбот“ на Мицкоски е штетна за македонскиот народ и нацијата во целост.

    Нова Република повика на собраниска процедура за уставните дополнувања иницирана пред се од пратениците Македонци и опозиционери. Тоа треба да создаде „моментум“: споделена одговорност која ја факторизира опозицијата и истовремено ја растеретува дневно-политичката одговорност на парламентарното мнозинство. Во такви околности Брисел ќе ги „испегла“ финесите.

    Ако ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ бегаат од поднесувањето уставни амандмани, значи дека се согласни евроинтеграцијата на Северна Македонија да зависи и чека на Србија. Тоа е доказ дека двоецот Вучиќ-Ѓилас има своја „реплика“ во двоецот Мицкоски-Филипче.

    Бидејќи секој Македонец и секој припадник на нацијата на Северна Македонија знае колку губи со секој изминат ден вон ЕУ, при отсуство на парламентарна иницијатива – пратениците можат да ја искористат иницијативата со собрани потписи за да речат „одиме на уставни дополнувања на барање на граѓаните“.

    Да одговорам на прашањето конкретно – кое е тоа Собрание што ќе гласа против барање на 150, 200 или 300 илјади граѓани кои сакаат државата да стане дел од Европската Унија заедно со Црна Гора и Албанија?

    Затоа, нека изберат една од двете опции (собраниска иницијатива или 150.000 потписи) и нека кажат што сакаат – само нека ја завршат обврската кон нацијата и државата. Партиите, пратениците… сите.

    Истото се однесува и на „големите фирми“: навистина сакате да сте дел од европскиот пазар? Навистина сакате луѓето да останат овде? Тогаш дајте поддршка на процесот. Согласно закон и јавно.

    ПРЕС 24:  Има ли капацитет НоРа фактички да води кампања за уставните измени?

    ВЕЛИЧКОВСКИ: 150.000 потписи нема да и припаѓаат на ниту една партија, во случајот на Нова Република. Потпишувањето нема да значи поддршка на партија, туку на цел низ уставната процедура. Бидејќи Нова Република нема да биде единствен учесник или организатор.

    „Референдумот за територијалната организација“ ВМРО-ДПМНЕ го злоупотреби за доаѓање на власт во 2006. „Шарената револуција“ СДСМ ја злоупотреби за доаѓање на власт во 2016 година. Ваквата злоупотреба е неприфатлива и за граѓаните и за граѓанските активисти и за нас како партија.

    Да резимирам: Нова Република има интегритет да не ја злоупотреби кампањата за собирањето потписи.

    ПРЕС 24:  Вашата иницијатива практично ќе значи убедување на граѓаните да потпишат за процес што треба да води кон внесување на Бугарите и други заедници во Уставот. Дали Нова Република со тоа презема една голема хазардска улога, која би ја предоредила судбината на партијата, уште не зачекорана на политичката сцена?

    ВЕЛИЧКОВСКИ: Хазардно по иднината на државата е една партија да гледа дека земјата тоне во корупција, криминал, економски потешкотии, дека се иселува народот, а партијата да седи со „скрстени раце“ и да чека да му се допадне некому во „Белата палата“ или „Бихаќка“.

    Прашањето на уставните дополнувања не е прашање на партиска корист, туку на национален и интерес на македонскиот народ. Ако не го преземеме потребното, на 1 септември 2027 година ќе ни недостасуваат уште 5.000 првачиња.

    Но ја разбирам дилемата – точно е дека сме подготвени да водиме кампања „За“ нешто наместо „Против“. Политиката значи да го преземете ризикот на себе кога е потребно. Подобро е ризикот да го сноси една партија одошто една нација.

    ПРЕС 24:  Ова прашање е повеќе во насока на тоа дека политички погубно е да се инсистира на нешто на што огромно мнозинство граѓани се противат?

    ВЕЛИЧКОВСКИ: Анкетите на јавното мислење покажуваат постојан тренд на поддршка за евроинтеграција. На прашањето дали РСМ треба да биде дел од ЕУ – скоро 2/3 од граѓаните се „За“.

    Прашањата за хипотетичка загрозеност што ВМРО-ДПМНЕ ги форсира на анкетите одговараат на потребите раководството на таа партија да добие алиби да го запре процесот.

    Македонецот има и сила и капацитет да биде еднаков и да гарантира еднаквост. Македонците знаат дека при отсуство на владеење на правото остануваат нееднакви, потиснати од „системските, односно југословенските Македонци“.

    А токму тие „системски, југословенски Македонци“ се оние кои бараат „гаранции за идентитетот“ – за да се вградат во контролата над економијата и институциите и во европска Северна Македонија, како што нивните претходни семејни генерации ги контролираа и водеа институциите на земјата во федерацијата и за време на транзицијата.

    Целиот страв е дека со преговорите за членство во ЕУ – институциите, економијата и системот во Северна Македонија нема да продолжи да зависи од внуците на истите семејства.

    ПРЕС 24:  Но, што ако Бугарија повторно постави услови? Тоа е токму она од што стравува власта?

    ВЕЛИЧКОВСКИ: Преговарачката рамка спречува нови услови и од Бугарија и од било која друга членка на ЕУ. Рамката следи само постојни критериуми и методологија што ни одговара. Преговарачката рамка, всушност, е гаранцијата за нас дека нема нови услови.

    Мицкоски тоа го знае и затоа прво ја таргетираше Преговарачката рамка – нејзината промена ќе значеше нови преговори низ европските метрополи, па Северна Македонија ќе чекаше на проширување не со Црна Гора и Албанија, туку со Косово и БиХ. Парадоксално, Брисел покажа повеќе грижа за македонскиот народ и нацијата на Северна Македонија одошто нашата избрана влада.

    ПРЕС 24:  Еден од аргументите на противниците на уставните измени е дека со нивното донесување Македонија нема гаранција дека нема да следуваат нови барања од Бугарија. На граѓаните што се плашат од ново условување, што конкретно можете да им гарантирате?

    ВЕЛИЧКОВСКИ: Тие противници на уставните дополнувања во 2022 и 2024 велеа дека Вториот протокол е предавство. Денес тие велат дека тоа е само записник. Толку од нивната доследност и аргументираност.

    На граѓаните можам да им гарантирам: Не сме тука да исполнуваме барања на земји-членки туку критериуми на ЕУ. Нова Република и јас лично – како и секој Македонец и секој припадник на нацијата на Северна Македонија – не преговараме за идентитет. Гарантираме преговори согласно Преговарачката рамка што сме ја усвоиле и не штити од нови услови. Стоејќи на обрските преземени од Скопје, ги гарантираме обврските на Брисел преземени кон нас. Ништо повеќе и ништо помалку.

    ПРЕС 24:  СДСМ беше на власт кога беше постигнат компромисот со Бугарија и кога беше усвоена Преговарачката рамка. Денес е во опозиција. Дали СДСМ има политички кредибилитет повторно да ја бара поддршката на граѓаните за европската интеграција или и самата партија сноси одговорност за сегашната блокада?

    ВЕЛИЧКОВСКИ: Сите партии кои не ги поднесуваат уставните амандмани сносат одговорност за сегашната блокада. Тоа го вклучува и СДСМ. Претходно кажав – ако не ја предизвикуваш Владата, тогаш си и партнер. Нема поголем предизвик од споделување на одговорноста низ поднесување на амандманите. Со ваквото (не)делување, СДСМ му го штити грбот на Мицкоски.

    Ако правиме паралела на историски сличности, оваа блокада на темата уставни дополнувања во парламентарната „опозиција“ личи на „спонтаното“ поклопување на позициите меѓу Црвенковски и Груевски во 2005 за „референдум за името“.

    Да Ви одговорам конкретно – да, се додека СДСМ не ги поднесе амандманите во Собранието, носи одговорност како соучесник во блокадата.

    ПРЕС 24:  Ако Владата не успее да обезбеди уставни измени во овој мандат, дали Нова Република би поддржала предвремени парламентарни избори? И уште поконкретно: дали изборите би ги сметале за начин граѓаните повторно да се изјаснат за европскиот курс на државата?

    ВЕЛИЧКОВСКИ: Од средината на 2027 година започнуваат избори во европските држави кои имаат клучна улога во процесот на ЕУ-проширувањето.

    Оттука, предвремени изборите пролетта кај нас ќе им служат само на оние кои се заинтересирани да ги одложат преговорите со 3 месеци техничка влада плус 3 месеци нова влада. Одличен исход би било ако ги продолжиме ЕУ-преговорите со усвоени уставни дополнувања, па да одиме на избори.

    Но во услови на вака зависно политичко Скопје од Белград, терминот на изборите кај нас ќе зависи од исходот на октомвриските избори во Србија.

    Ниту една партија не повикува на прекин на преговорите за членство на Северна Македонија во Европската Унија. Дури и оние „најекстремните“.

    Практично, тука постои надпартиски и надетнички консензус. Втората точка на таков консензус кај граѓаните е потребата од борба со корупцијата и потребата од нови, поквалитетни економски политики, а сите сме согласни дека овие сегменти заживуваат веќе со преговорите за членство во ЕУ.

    ПРЕС 24:  Кој е политичкиот простор на Нова Република?

    ВЕЛИЧКОВСКИ: Националниот, граѓанскиот и политичкиот центар.

    ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ доаѓаат во природна димензија. Помина времето кога беа потребни „големи партии и коалиции за големи решенија“. Оттука и намалената излезност веќе на ланските локални избори.

    Независните активисти и професионалците од сите професии можат да се препознаат во Нова Република, ако учествуваат во дефинирањето на решенијата за една просперитетна држава втемелена на претприемништвото и владеењето на правото, наместо оваа квази-социјална држава.

    ПРЕС 24:  Нова Република критикува и дел од политиките на власта и начинот на кој опозицијата ја води политичката битка. Но каде точно сакате да ја сместите НоРа?

    ВЕЛИЧКОВСКИ: НоРа е национално-центристичка партија, со конкретни решенија за конкретни проблеми. Во тој процес ги повикуваме и отворени сме за оние педесет илјади граѓани кои излегоа на локалните избори за да ги прешкртаат гласачките листови, независните листи кои делуваа локално, но имаат што да понудат и на национално ниво и (деловите од) партиите кои не се гледаат во досегашните коалиции со традиционалните партии. Затоа нудиме да изградиме заедничка платформа на решенија за заедничките проблеми.

    ПРЕС 24:  Дали целта е да станете нова централна политичка опција или да извршите притисок врз постојните партии да ги променат своите политики?

    ВЕЛИЧКОВСКИ: Нова Република е партија на националниот центар.

    Не се занимаваме со традиционалните партии, туку со вршење притисок врз институциите да ги променат своите погрешни и штетни политики.

    ПРЕС 24:  Нова Република предлага и сериозни интервенции во владеењето на правото, судството и борбата против корупцијата, вклучително и еднократен избор на судии и обвинители во Собранието. Како би се спречило ваквото решение да произведе нова политизација на судството наместо независно судство?

    ВЕЛИЧКОВСКИ: Нетранспарентноста на изборот сведен на тесен круг со многу непотизам и интересни групи го доведе (право)судството на ова ниво. Нашата мерка е радикална: изборот да оди јавно и преку Собранието. Еднократно, за што исто така ќе треба уставна интервенција.

    Да се потсетиме – во судството имаше поголема доверба кога судиите беа избирани во Собранието дури и во оној практично еднопартиски состав 1996 година): Бидејќи целата постапка одеше јавно, вклучително сомнежите и забелешките за одредени кандидати, притисокот на јавноста при изборот беше поефикасен.

    Денес изборот на судии и обвинители е двоминутна вест во дневник или половина страна на портал. Не, постапката мора да биде транспарентна и јавна од предлагањето на кандидатите во Судскиот совет до изборот во Собранието. Истата транспарентност е неопходна и во изборот на јавни обвинители. Академијата за судии и обвинители има произведени кадри. Но за оние кои не се со семејно или политичко „педигре“ – нема место. Затоа мора да одиме во Собранието.

    Радикалноста е што оваа еднократна мерка е проследена со ветинг и закон за проширена конфискација на нелегалниот имот. Ќе видите како после во ѕидовите на судиите нема да се наоѓаат стотици илјади евра!

    Со гангрената нема компромис. Исто и со криминалот и корупцијата.

    ПРЕС 24:  Колку сте загрижени од руското влијание во Македонија и регионот? И дали сметате дека дел од политичката реторика против ЕУ и против уставните измени веќе се вклопува во поширок простор во кој Русија и други надворешни актери можат да го зголемат своето влијание?

    ВЕЛИЧКОВСКИ: Русија и Кина втора деценија го зголемуваат влијанието во Северна Македонија. Тоа го овозможија неколку влади: оние на Груевски ја отворија врата за кинеските интереси со нивните кредити; минатата влада се двоумеше, а оваа одбива да „нагази“ на интеграцијата на земјата во европскиот економски и одбранбен простор. Во тоа влијае отвореноста на македонскиот политички естаблишмент кон „српскиот свет“.

    Да Ве потсетам и дека „М-Тел“ влезе во комуникацискиот сектор (кој е безбедносно прашање за една земја-членка на НАТО) при Влада на СДСМ. На влезот на омилениот банкар на Вучиќ во финансискиот систем низ „Алте“ банка реагиравме уште како Движење, додека останатите молчеа. Мобилната опрема на „Хуавеи“ во комуникацискиот сектор не ја чепнаа ниту владата на СДСМ ниту оваа на ВМРО-ДПМНЕ иако на тоа сме обврзани со договор. Владата на Мицкоски скоро една година ги игнорираше обврските кон Коридорот 8 кој е и транспортен и безбедносен коридор наместо да биде суштинска логистика на Источното крило на НАТО. Молкот за „незаинтересираноста“ на МПЦ – ОА да добие Томос за автокефалност од Вселенската патријаршија покажа дека естаблишментот повеќе би го толерирал „рускиот свет“ преку „српскиот“ по црковна етно-филитистичка линија, одошто да води сметка за националниот интерес и интересот на православните верници.

    Самоблокирањето на Северна Македонија и некои од земјите во регионот на патот кон ЕУ е во интерес на руското и кинеското влијание кои овде сакаат свој „хаб“. Антиевропската реторика се храни од ваквите политики на локалните и регионалните олигархии и нивните партиски и медиумски антени.

    Загриженоста ја изразивме кога предупредувавме на оваа доаѓачка опасност. Сега сме должни да ги декларираме и спроведуваме политиките против овие малигни влијанија како идна членка на ЕУ и партнер во НАТО.

    Да ја искористам оваа прилика и да ја предупредам Владата и ВМРО-ДПМНЕ на една навидум различна, но реално поврзана тема: Институционално толерирајќи демографска анадолизација во Северна Македонија – ги оштетуваат интересите на Македонците во земјата и го нарушуваат етничкиот баланс.

    ПРЕС 24:  Ако утре има парламентарни избори, што точно ќе понуди Нова Република на граѓаните што не сакаат да избираат меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ?

    ВЕЛИЧКОВСКИ: Накратко:

    Владеење на правото засилено со: ветинг, проширена конфискација на нелегален имот, проширен опфат на рестриктивните мерки со американските, британските и канадските, генерален (ре)избор на судии и обвинители, отворање на архивите на југословенските тајни служби, регулација на работењето со крипто-валутите.

    Јавно образование во функција на економијата и јавно здравство со осигурителни пакети според возраста – со целосна здравствена заштита за доенчињата, децата и младите до 18 годишна возраст, бремените жени и генерациите кои немале можност да уплаќаат здравствено осигурување во приватни фондови. Задолжително само основно образование и напуштање на лажната „Кембриџ“ програма. Вистинска ревизија на издадените дипломи и акредитациите на високообразовните установи. Јавно-приватно партнерство во социјалните и комуналните услуги. Редукција на администрацијата. Субвенции по произведена количина наместо по засадена површина. Целосно раздолжување на државата по основа на поврат на ДДВ.

    Почеток и комплетирање на преговорите за членство во ЕУ во еден мандат.

    Сега го промовираме законот за проширена конфискација. Целта ни е ова и сите наведени решенија да им бидат познати на граѓаните однапред.

    ПРЕС 24:  Дали сте подготвени самостојно да излезете на избори, наместо повторно да бидете дел од поширока коалиција?

    ВЕЛИЧКОВСКИ: Сакаме да ги заслужиме гласовите на мнозинството непретставени граѓани надвор од традиционалните коалиции. Во таков случај мнозинството непретставени граѓани ќе имаат причина да излезат на избори и да изберат претставници во законодавната и извршната власт што ги чувствуваат за свои и со јасна мисија и обврска. Секако, степенот на подготвеност ќе зависи и од тајмингот на изборите.

    Целта ни е политички процес на основа на претставеност, доследност и рамноправност којшто промовира стручни и некорумпирани кандидати.

    Прочитај повеќе

    Александрос Косенас: „Нептун“ кон ново поглавје

    21.08.2026 во 17:44

    Силјановски, Ingram Micro: Скопје станува центар на одлучување за технолошката иднина на регионот

    17.08.2026 во 13:18
    Facebook X (Twitter) Instagram
    • Насловна
    • Најново
    • Импресум
    • Маркетинг
    Њу Медиа Комјуникејшн © 2010 | сите права заштитени

    Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.