Движењето ЗНАМ очекува да добие уште еден заменик-министер во Владата, но не открива во кој ресор. Како што изјави денеска претседателот на партијата, Максим Димитриевски, тоа би требало да се дефинира во текот на следниот месец.
Одговорајќи на новинарски прашања пред почетокот на настанот по повод отчетот на избраните и именувани функционери на ЗНАМ, Димитриевски истакна и дека односите и соработката во владината коалиција се на одлично ниво.
-За нашата политичка партија никогаш не е приоритет што ќе добиеме како составен дел на власта, туку сакаме да преземеме одговорност. Како што претходно имаме информирано, влеговме во оваа Влада и буквално понудивме „карт бланш“ за да не гледаме реприза од минатото – како моноетничките партии на ситен камен ги дробат големите политички субјекти кои ја добиваат масовно поддршката на граѓаните. Во овој случај го спречивме тоа, да гледаме реприза. Што се однесува до поделбата на ресорите и местата, тргнуваме исклучиво од аспект на преземање одговорност. Очекуваме дополнително уште едно заменичко место, во уште еден ресор што треба да се дефинира во текот на следниов месец и верувам дека, како и во останатите ресори и институции каде што преземавме одговорност, ќе го дадеме својот придонес и во тој ресор. Разговараме за неколку ресори, не би сакал во моментов да шпекулирам. Секако дека мандатарот е најповикан да даде одговор на тоа прашање и верувам дека веќе до крајот на месецот ќе имате од негова страна излагање по однос на таа тема, рече Димитриевски.
За вторите и третите ешалони на власта, додаде, досега до него не се пристигнати забелешки ниту од мандатарот, ниту од ресорните министри во однос на работењето на функционерите на ЗНАМ во пониските нивоа на власта.

