Лицата кои ја достигнале старосната граница за пензионирање (62 години за жени и 64 години за мажи), а немаат 15 години стаж, ќе можат со уплата да ги покријат месеците што им недостигаат, под услов да имаат остварено најмалку 13 години работен стаж.
Ова го најави министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, во гостување во „360 степени“ на МРТ 1, наведувајќи дека законското решение е во владина процедура.
Според предложениот модел, докупот се однесува на неактивни осигуреници: „Откуп на стаж се однесува и ќе се однесува само на оние коишто веќе не се денеска осигуреници, наполниле 62-64 години, нели жени-мажи, ќе имаат право тие коишто имаат до 13 години работен стаж којшто го направиле во моментот кога ги наполниле годините на старост, значи 24 месеци да го откупат својот стаж, односно да платат за истиот“.
Основицата за пресметка на придонесот ќе изнесува 50 отсто од просечната плата од претходната година. При илустративна нето-плата од 45.000 денари (основица 22.500 денари) и стапка од 19,9 отсто, еден месец чини околу 4.478 денари, односно околу 107.460 денари за максимални 24 месеци.
Висината на пензијата ќе се утврдува по редовна формула: „Зависно колку имале во 13-те години, формулата која ќе произлезе – значи од 13 години колку штедел, на каква плата бил пријавен итн., ќе се покаже самата формула дополнително“, објасни Велковски.

