Полицијата синоќа на територијата на Скопје спроведе зајакната акциска контрола во сообраќајот при што се санкционирани вкупно 262 возачи, од кои дури 102 се управувачи на мопеди и мотоцикли. При акцијата се уапсени шест лица, а еден мотоцикл е привремено одземен.
Засилените контроли се спроведени во периодот од 18:00 до 01:00 часот од страна на Одделението за безбедност на патниот сообраќај и полициските станици при СВР Скопје, со посебен акцент врз мотоцикли, мопеди, трицикли и четирицикли.
Притоа, од изречените 102 мерки за мотоциклисти, најголемиот дел — односно 93 санкции — се за управување мотоцикл без заштитна кацига. Во четири случаи е констатирана несоодветна категорија, а пет возачи биле санкционирани за управување без положен возачки испит. Изречени се и 160 останати мерки за други прекршоци, меѓу кои неносење возачка или сообраќајна дозвола, неистакнати регистарски таблички и минување на црвено светло.
За време на контролата е привремено одземен еден мотоцикл поради измината важност на регистрацијата повеќе од шест месеци, додека шест лица се лишени од слобода по член 297-а од Кривичниот законик.
„Во текот на изминатата вечер во периодот од 18:00 до 01:00 часот Одделението за безбедност на патниот сообраќај и полициските станици од општа надлежност при СВР Скопје, спроведоа зајакната акциска контрола во делот на сообраќајот со посебен акцент за преземање мерки за мотоцикли, мопеди трицикли и четирицикли при што санкционирани се 262 возачи. Од нив за возачи на мопеди и мотоцикли изречени се 102 мерки и тоа 93 санкции за управување мотоцикли без заштитна кацига, четири мерки за несоодветна категорија, пет санкции за управување без положен возачки испит и 160 останати мерки за други видови на прекршоци меѓу кои за не носење возачка дозвола, не носење сообраќајна дозвола, не истакнати таблици, минување на црвено…“, се вели во соопштението од МВР.
Од МВР најавуваат дека сообраќајните контроли ќе продолжат и во наредните денови и апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите за поголема безбедност на патиштата.

