Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествува на Самитот на Берлинскиот процес, кој се одржува во Свети Стефан, Црна Гора. Во фокусот на разговорите ќе бидат економското поврзување на регионот, безбедноста и забрзувањето на интеграцијата во Европската Унија.
Самитот е завршен настан во рамки на црногорското претседавање со Берлинскиот процес. Покрај лидерите од Западен Балкан, на собирот учествува и германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој ја поддржува интеграцијата на регионот во Европската Унија.
Пред почетокот на самитот, според најавата од владината прес-служба, предвидени се кратки изјави за медиумите. На главната сесија, премиерот Мицкоски ќе ги презентира македонските можности и ставови во однос на економијата, безбедноста, европските интеграции и конкурентноста на регионот.

