Американскиот Стејт департмент ја одржува патничката препорака од второ ниво за Германија, советувајќи ги патниците да бидат со зголемена претпазливост. Одлуката ја става Германија во неповолна положба во споредба со соседните земји, што би можело да влијае на плановите на американските туристи кои патуваат во Европа оваа година, објави „Еуроњуз“.
За разлика од Германија, земји како Швајцарија, Австрија, Португалија и Полска се класифицирани во најниското, прво ниво, за кое не се применуваат посебни предупредувања. Ист позитивен статус има и Норвешка.
Иако цела Шпанија е на второ ниво, Вашингтон издаде построго предупредување од трето ниво за енклавата Сеута, каде што на патниците им се советува да го преиспитаат своето заминување.
„Масовниот и неконтролиран прилив на мигранти од Мароко во Сеута би можел да создаде непредвидлива и опасна безбедносна ситуација. Поради сериозноста на ситуацијата, Шпанија ги распореди војската, националната полиција и Гардија Цивил. Американските граѓани треба повторно да размислат за патување во областа поради ризикот за сопствената безбедност“, стои во препораката на Стејт департментот.
Шведска, Франција и Италија се наоѓаат на исто ниво на безбедност како и Германија. Главната причина за зголемената претпазливост во овие земји е заканата од тероризам на јавни места.
„Терористичките групи и поединци остануваат постојана закана во Германија и Европа. Тие напаѓаат луѓе на јавни места со ножеви, огнено оружје, импровизирани експлозивни направи и возила“, се наведува во предупредувањето.

