Владејачката ВМРО-ДПМНЕ упати критики до опозициската СДС и нејзиниот лидер Венко Филипче, обвинувајќи ги за обид за собирање евтини политички поени на темата со водата за пиење во Гостивар.
Портпаролот на партијата, Валентин Манасиевски, на денешната прес-конференција истакна дека опозицијата со години молчела за истите проблеми додека била на власт.
- „СДС и Филипче се обидуваат да собираат политички поени на темата вода во Гостивар, а со години не кажаа ниту збор за случаите на небезбедна вода кои биле евидентирани додека токму тие ја водеа државата. Деновиве објавивме документи, кои јасно покажуваат дека надлежните институции во нивно време располагале со информации за небезбедна вода во повеќе населени места. Но, наместо решенија и транспарентност, граѓаните добија молк“, изјави Манасиевски.
Тој јавно побара одговори од лидерот на опозицијата на три клучни прашања поврзани со минатото управување со институциите.
- „СДС и Венко Филипче должат одговор на три едноставни прашања: Зошто не ги известиле граѓаните за наодите? Колку од тие случаи биле целосно отстранети? И третото и најважно, со кое лице бараат одговорност за нешто што самите со години не го решавале?“, додаде портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата порачаа дека поранешните функционери не можат да се амнестираат од одговорноста за затекнатата состојба во водоснабдувањето.
- „Не може исти луѓе кои со години беа власт, денес да се претставуваат како да немаат никаква одговорност за состојбите што ги оставиле зад себе. Наместо политички театар, СДС и Филипче треба да им објаснат на граѓаните зошто ништо не направиле додека ја имаа целата институционална моќ во свои раце“, заклучи Манасиевски.

