Реконструкцијата на студентскиот дом „Стив Наумов“ не издржа ниту еден месец, обвинуваат од Социјалдемократската младина на Македонија (СДММ). Потпретседателот на организацијата, Бојан Цветаноски, преку видео-обраќање укажа на катастрофалните услови во доменот по потрошените 10 милиони евра.
Според СДММ, студентите се соочуваат со влага, вода што протекува од сите страни, недостаток на греење и топла вода.
„Нели „Стив“ ќе беше хотел од А-категорија? Вака ли изгледа хотел од А-категорија, со прокиснати соби и влага по ѕидови? Се потрошија 10 милиони, а наместо подобри услови, студентите немаат ниту основни услови за живот! За што се потрошија милионите? Каде завршија парите? Повторно во сомнителни партиски тендери? Очигледно, поважно е да се набават автомобили на лизинг, отколку обезбедување достоинствени услови за студентите“, истакнува Цветаноски.
Од младината на СДСМ посочуваат дека двојно е зголемена партиципацијата за сместување и прашуваат зошто студентите плаќаат 6.600 денари месечно за „прокиснати соби и мизерни услови“.
СДММ бара итна одговорност, проверка и целосно објавување на сите трошоци и договори поврзани со проектот.
„На денот на ВМРО ова е порака од младите до арамиите на власт: ќе одговарате! За секој потрошен денар мора да има отчет“, порачуваат од СДММ.