Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП), Моника Зајкова, во гостувањето на емисијата „Колегиум“ ја предупреди јавноста дека најголемата закана за македонското општество не доаѓа само од надворешните блокади, туку од катастрофалните пропусти во нашето домашно законодавство и (не)функционирањето на институциите. Додека функционерите деноноќно дебатираат дали Бугарија нѐ сака или не, нашиот правен систем има сериозни дупки поради кои границите функционираат како швајцарско сирење за криминалци, а социјалните мрежи и медиумскиот простор се преплавени со хибридни пропаганди, ботови и говор на омраза и тоа најмногу на штета на македонскиот надор и државата.
Исто како што Европската Унија се штити себеси во односите со меѓународните партнери преку заштитни механизми, така и Македонија мора итно да изгради сопствени правни одбранбени бедеми и во процесот на пристапување, но и генерално. Недозволиво е поради слаби закони утре државата да биде мета на радикални пропаганди, спорни провокативни клубови и разни дестабилизирачки влијанија.
„Премногу се фокусираме само на тоа дали некој од надвор нѐ сака, додека клучниот проблем лежи во нашите сопствени домашни пропусти и слаба легислатива. Не може да ја обвинуваме Европската Унија кога кај нас границите ни се ‘швајцарско сирење’ и секој излегува и влегува кога сака! Јас отворено и јавно во емисијата подавам рака – да седнеме сите парламентарни партии заедно и да ги затвориме сите дупки во нашето домашно право преку кои утре можеме да бидеме подложни на туѓи апетити и пропаганди. Мораме да се заштитиме и да изградиме закони што ја чуваат државата“, порача претседателката на ЛДП, Зајкова.
ЛДП ја повикува власта и сите парламентарни субјекти без одлагање да отворат процес за зацврстување на националната легислатива. Безбедноста на граѓаните, контролата на границите и заштитата од пропаганди се прашања над сите партиски калкулации!

