Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека верува во европската иднина на земјата и во вредноста на Европа во која различните народи меѓусебно се почитуваат, порачувајќи дека местото во Унијата мора да се гради со реформи, знаење, силни институции и зачувано национално достоинство.
Осврнувајќи се на актуелната евроинтегративна фаза, Мицкоски ја нагласи загриженоста и уморот кај граѓаните од предолгото чекање, истакнувајќи дека македонскиот пат кон ЕУ е не само најтежок, туку и најдолг.
„Го врвиме не само најтешкиот туку и најдолгиот пат кон ЕУ, обременет со многу откажувања, поместувања и неправедни удари. Силните го прават тоа што сакаат, а слабите тоа што мораат. И ова не е флоскула од учебниците, туку извадок од реалната политика денес. Но иако многумина веќе се скептични и уморни од услови, критериуми, билатерални спорови, ќе мора да бидеме мудри“, истакна премиерот.
Мицкоски порача дека за малубројните народи иднината се темели во мудроста и единството, додавајќи дека на политиката гледа како на партија шах каде што и големите сили можат да се победат со мудрост кога геополитиката и поставеноста не нудат сила.
„Јас на политиката не гледам како на натпревар во мускули, туку повеќе како на партија шах. Нашите граѓани заслужуваат перспектива во која ќе можат да веруваат и пат по кој ќе чекорат исправено. Истата зрелост ни е потребна и дома“, порача Мицкоски.

