Опозициската СДСМ на денешната прес-конференција изнесе сериозни обвинувања за состојбата со водата за пиење во Гостивар и низ државата, барајќи итна реакција од Јавното обвинителство.
Симона Цветановски, членка на Извршниот одбор на СДСМ, изјави дека е потврдено присуство на опасна бактерија во Гостивар, а властите наместо одговорност, тераат бизнис зделки.
„Водата во Гостивар се уште е опасна, официјално се потврди присуство на бактеријата Pseudomonas aeruginosa. Над 50 населени места во земјава имаат загадена вода, тендер патриотите Мицкоски и Клековски ја отруја цела Македонија“, изјави Цветановски.
Таа ги упати критиките кон министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерот за здравство Сашо Клековски, прашувајќи зошто дури сега се најавуваат нови анализи откако граѓаните веќе побарале медицинска помош.
„Со денови јавноста беше убедувана дека водата е „технички исправна“, но единствениот „доказ“ беше зборот на Мицкоски. Нема официјален документ. Нема потпишан извештај. Нема институција што презема одговорност и потврдила дека може да се користи техничка вода. Во меѓувреме, директор на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов јавно потврди дека во водата има бактерија“, додаде Цветановски.
Од партијата посочуваат дека процесот на хиперхлорирање кој повторно се спроведува значи дека водата во моментов не е безбедна ниту за пиење, ниту за капење.
„СДСМ бара Јавното обвинителство веднаш да отвори постапка и да утврди кривична одговорност за свесното загрозување на здравјето на граѓаните. Одговорност мора да има за Христијан Мицкоски, Сашо Клековски и Панче Тошковски“, нагласи таа.
Цветановски исто така обвини дека додека трае кризата со водата, се склучуваат нетранспарентни договори за нејзина набавка.
„Бизнис зделка од 100.000 евра за вода во Гостивар без тендер, без јавен оглас. Додека народот се труе, тендер-патриотите тераат бизнис. Никој нема право да си игра со здравјето на граѓаните, а уште помалку да профитира додека народот се труе“, заклучи Цветановски.

