Две лица се повредени во силна експлозија што утрово, нешто пред 8 часот, се случила во ресторан за брза храна во загребската населба Подсусед.
Од Полициската управа во Загреб потврдија дека според првичните сознанија, најверојатна причина за инцидентот е истекување на гас.
Експлозијата се случила на улицата Стара Самоборска Цеста, а полициските екипи во моментов вршат увид за да ги утврдат сите околности, додека тежината на повредите кај настраданите сè уште не е позната.
Очевидци за хрватските медиуми раскажуваат дека силината на ударот целосно го уништила објектот, а делови од покривот и ѕидовите завршиле на блиската железничка станица и врз паркирани автомобили.
Читател на порталот „24sata.hr“ кој се затекнал на местото на настанот појасни како изгледал целиот инцидент:
„Одев да купам леб во блиската пекара и одеднаш се случи експлозија во близина. Сите се погледнавме, и следниот момент кога го видовме покривот на таа мала куќичка на железничката станица, куќата ја немаше. Отидов таму, и еден човек од блискиот објект рече дека внатре има двајца луѓе. Ги видов како седат до мене, очигледно беа во шок. Тие се вработени, ми кажаа дека почувствувале мирис на гас кога пристигнале, потоа ја вклучиле вентилацијата, а потоа сè експлодирало. Делови од куќата паднале врз автомобили што биле паркирани во близина. Еден човек имал видливи изгореници, но не мислам дека било нешто сериозно“, вели читател на тој портал.

