Соединетите Американски Држави, во сенка на војната со Иран, спроведуваат еден од најзначајните пресврти во својата надворешна политика во последните децении преку масовно повлекување од глобалните институции.
По одлуката за напуштање на Светската здравствена организација на почетокот од неговиот втор мандат, претседателот Доналд Трамп потпиша уредби за повлекување на САД од вкупно 66 меѓународни организации, од кои 31 се поврзани со Обединетите нации.
Како образложение за ваквиот чекор, Белата куќа наведе дека голем дел од овие институции дејствуваат спротивно на националните интереси, безбедноста, економскиот просперитет и американскиот суверенитет, со акцент на климатските политики, човековите права и родовата еднаквост.
Според аналитичарите, овие потези означуваат сериозно отстапување од традиционалната улога на глобален лидер и транзиција кон поавтономна и билатерална надворешна политика на Вашингтон.
Претседателот Доналд Трамп упати јасна порака до јавноста околу крајната цел на овие радикални кратења.
„Мерката има цел да се прекине финансирањето од страна на американските даночни обврзници и учеството во тела кои промовираат „глобалистички агенди“ наместо приоритетите на Соединети Американски Држави“, порача Трамп.
Тој дополнително појасни дека се работи за тела кои неефикасно менаџираат со клучните прашања или несоодветно ги трошат доделените буџети.
„Станува збор за институции кои или неефикасно се справуваат со важни прашања или не ги користат средствата на најефикасен начин, поради што американските пари треба да се пренасочат кон други цели со цел поддршка на „релевантни мисии““, додаде американскиот претседател.
Трамп исто така најави дека овој процес на изолација и реформирање на надворешната политика не прекинува тука и дека нови одлуки од таков тип може да се очекуваат уште пред ова лето.

