Времето денеска во Македонија ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, но ќе се задржи релативно студено и ветровито. Според метеоролозите, во утринските часови во северозападните планински региони ќе има услови за провејување на слаб снег.
Клучна карактеристика на денешното време ќе биде ветерот. Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец кој локално може да достигне брзина и до 60 километри на час. Утринските температури ќе се спуштат под нулата и ќе се движат во интервал од -4 до 4 степени, додека максималната дневна температура ќе достигне од 5 до 12 степени.
Слично време се очекува и во главниот град. Во Скопје ќе биде променливо облачно со кратки сончеви периоди и со умерен до засилен северен ветер во делови од котлината. Температурата ќе се движи од минимални 2 до максимални 11 степени.
Во однос на прогнозата за новата работна седмица, не очекува претежно стабилно време со студени утра. Исклучок ќе биде вторник, кога кон крајот на денот, главно во североисточните делови од земјава, се очекува повремен локален дожд. Како што ќе одминува неделата, дневните температури ќе бидат во постепен пораст.

