Во тест фазата намерно не се применува толеранција, затоа што мора да ја потврдиме техничката прецизност и стабилност на системот, вели министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски во интервјуто за Прес 24. Посочува дека од досегашнито тест период се анализираат сите аспекти за да се добие функционален систем. Во пракса сепак ќе има одредена толеранција
во бројката на пречекорена брзина.
-Толеранциите ќе бидат уредени при почетокот на редовната примена, согласно европските стандарди и технички насоки и секако во интерес на граѓаните. Но да ја задржиме суштината, генералната цел на овој проект не е казнување на минимални надминувања, туку на казнување на оние поведенија во сообраќајот, кои се директна причина за тешки несреќи и загубени животи, вели Панче Тошковски во интервјуто.
Посочува дека целта не е „да „фатиме“ некого и да наплатиме казна, туку да спречиме опасно возење и да спасиме животи.“
-Камерите не се поставени како скриени замки, напротив, присуството на системот има силен превентивен ефект. Кога возачите знаат дека има контрола, се намалува брзината, се зголемува вниманието и се избегнуваат трагедии, посочува министерот.
-Како што ќе се зајакнува системот и ќе се потврдува неговата техничка и правна стабилност, така ќе се разгледуваат и следните фази на развој. Сѐ што ќе се прави понатаму ќе биде насочено кон тоа да создадеме побезбедна средина за сите – пешаци, велосипедисти, возачи на тротинети и возачи на моторни возила, вели Тошковски за Прес 24.
Тој уверува дека Безбеден град нема да има можност за влијание од човечки фактор и во тест фазата ги следат и коригирааат евентуалните недоследности, а во редовната примена гаранцијата е во самата комбинација на автоматизирана технологија, јасна правна рамка и транспарентна постапка.
-Тоа е најсилната заштита од какво било влијание и суштината на „Безбеден град“ – систем што работи по утврдени правила, а не по субјективна процена, со единствена цел да спречи опасни ситуации и да спаси човечки животи, вели Тошковски.
Во известувањето граѓанинот ќе добива опис на прекршокот, фотографија од регистарската таблица и фотографија со замаглен лик од тој што го управувал возилото.
-Доколку се оди со судска постапка, тогаш МВР ќе го испрати целосниот доказен материјал, вклучувајќи и фотографија без замаглен лик, вели Тошковски, потенцирајќи дека најевтината и најлесната опција е да се вози по правила.
-Најскапата е човечкиот живот. Ако системот помогне да имаме еден спасен живот повеќе, тогаш тоа е најголемиот придонес кон јавниот интерес, безбедноста и семејствата чии судбини зависат од една одлука во сообраќајот, вели министерот за внатрешни работи, Панче Тошковсии во
интервјуто за Прес 24.
ПРЕС24: Какви се првичните оценки на МВР за овие неколку дена пробен период на Сејф Сити?
ТОШКОВСКИ: Првичните оценки се позитивни, со една важна напомена: станува збор за краток тест период и не носиме конечни статистички заклучоци. Она што веќе го гледаме на терен е смирување на сообраќајната динамика, самото сознание дека постои контрола 24/7 делува превентивно. Токму тоа е целта на системот, да влијае на однесувањето, да ги намали ризиците и да спречи трагедии. Тест фазата ни овозможува да ги потврдиме прецизноста, стабилноста и целиот процес од детекција до известување, за кога ќе почнат да се изрекуваат казни системот да биде целосно прецизен, фер и сигурен. На крајот, ова не е прашање на техника, туку на животи, секој спасен живот е вредност сама за себе. Системот ги третира сите возила еднакво, без разлика дали се приватни или државни. За возилата кои се сопственост на државните институции постои обврска да се води патен налог и евиденција, со што се утврдува кој управувал во моментот на прекршокот. Сообраќајните правила важат за сите. Државните институции имаат обврска да бидат пример во почитувањето на сообраќајната култура.
Принципот е јасен, одговорноста ја сноси лицето што го управувало возилото. Институциите и правните лица имаат обврска да достават доказ преку кој ќе се утврди кој го управувал возилото. Ако таков доказ не се достави, одговорноста ќе биде кај одговорното лице. Целта е да нема злоупотреба и „криење“ зад институции или компании.
ПРЕС24: Кои моменти на пропусти се евидентирани, и како тие ќе бидат надминувани?
ТОШКОВСКИ: Сè што е забележано досега се очекувани технички недоследности во ваков тип проекти, најчесто поврзани со препознавање таблички, точност на контакт-податоци или фино подесување на софтверот. Затоа и постои тест период, ниедна регистрирана аномалија не се
остава нерешена, туку се проверува на лице место, се отстранува и се применуваат софтверски и хардверски корекции. Тоа што е најважно за граѓаните е дека во редовната примена постојат јасни процедури и полноправно право на приговор и судска заштита, така што неправда не може да стане системска можност.
ПРЕС24: Во јавноста има дилема дали граѓаните треба да ги знаат локациите на кои Сејф Сити регистрира прекршоци. Дали се размислува за јавно мапирање на точките на системот?
ТОШКОВСКИ: Нашата цел не е да „фатиме“ некого и да наплатиме казна, туку да спречиме опасно возење и да спасиме животи. Камерите не се поставени како скриени замки, напротив, присуството на системот има силен превентивен ефект. Кога возачите знаат дека има контрола, се намалува брзината, се зголемува вниманието и се избегнуваат трагедии.
ПРЕС24: Она што од досегашното искуство на граѓаните е дилема, е санкциите за пречекорување на брзината за 1, 2, 3 Км/час. Имаше низ медиумите и ексертски толкувања, одмкои сепак може да се види дека европските искуства имаат некој процент на толерамција, повеќе насочен кој прецизноста на уредите. Ова прашање останува отворено, дали се размислува за доуточнување на системот во овој дел?
ТОШКОВСКИ: Во тест фазата намерно не се применува толеранција, затоа што мора да ја потврдиме техничката прецизност и стабилност на системот. Толеранциите ќе бидат уредени при почетокот на редовната примена, согласно европските стандарди и технички насоки и секако во интерес на граѓаните. Но да ја задржиме суштината, генералната цел на овој проект не е
казнување на минимални надминувања, туку на казнување на оние поведенија во сообраќајот, кои се директна причина за тешки несреќи и загубени животи. Македонија предолго живее со бројки на жртви кои се значително над европските просеци и ако системот помогне да спасиме
барем еден живот повеќе, тоа ќе значи дека сме на добар пат.
ПРЕС24: Што засега регистрира Сејф Сити како прекршок?
ТОШКОВСКИ: Во првата фаза системот детектира четири сообраќајни прекршоци односно:
– Возење со брзина поголема од дозволената,
– поминување на црвено светло,
– непрописно паркирање и
– возење со истечена важност на сообраќајната дозвола.
Во наредните фази, во согласност со техничките можности, секако дека ќе се оди кон проширување на типот на прекршоци кои ќе ги покрива овој систем.
ПРЕС24: Што станува со сообраќајните прекршоци направени од пешаци, велосипедисти, возачи на тротинети?
ТОШКОВСКИ: Во оваа почетна фаза беше важно системот да започне со јасно дефиниран опфат. Мора да тргнеме од некаде, да го стабилизираме процесот и да му дадеме шанса на системот да покаже резултати. Нашата цел не е веднаш да опфатиме сè, туку чекор по чекор да градиме безбедносна инфраструктура која ќе ја подобри културата во сообраќајот и ќе спречи трагедии. Како што ќе се зајакнува системот и ќе се потврдува неговата техничка и правна стабилност, така ќе се разгледуваат и следните фази на развој. Сѐ што ќе се прави понатаму ќе биде насочено кон тоа да создадеме побезбедна средина за сите – пешаци, велосипедисти, возачи на тротинети и
возачи на моторни возила.
ПРЕС24: Како јавноста да биде сигурна дека во Сејф Сити нема да има простор за човечко влијание?
ТОШКОВСКИ: Од самиот почеток и при изработката на законските решенија и при дизајнот на целиот систем, водевме сметка процесот да биде максимално автоматизиран и целосно изземен од човечки фактор. Тоа не е декларативна изјава и граѓаните веќе го видоа во пракса. Фактот дека само неколку секунди или минути по сторен прекршок стигнува известување е најдобрата потврда дека тука не учествува човек, туку систем кој функционира независно и еднакво за сите.
Во тест фазата ги следиме и коригираме евентуалните недоследности, а во редовната примена гаранцијата е во самата комбинација на автоматизирана технологија, јасна правна рамка и транспарентна постапка. Тоа е најсилната заштита од какво било влијание и суштината на „Безбеден град“ – систем што работи по утврдени правила, а не по субјективна процена, со единствена цел да спречи опасни ситуации и да спаси човечки животи.
ПРЕС24: Има уште една дилема. Тоа е возилата со посебни регистерски ознаки, црвените таблици на државните возила. Дали тие се внесени во системот за евиденција и наплата на казни?
ТОШКОВСКИ: Системот ги третира сите возила еднакво, без разлика дали се приватни или државни. За возилата кои се сопственост на државните институции постои обврска да се води патен налог и евиденција, со што се утврдува кој управувал во моментот на прекршокот.
Сообраќајните правила важат за сите. Државните институции имаат обврска да бидат пример во
почитувањето на сообраќајната култура.
ПРЕС24: Кој ќе треба да ги плаќа тие казни, возачите, или институциите на чие име се регистрирани?
ТОШКОВСКИ: Принципот е јасен, одговорноста ја сноси лицето што го управувало возилото. Институциите и правните лица имаат обврска да достават доказ преку кој ќе се утврди кој го управувал возилото. Ако таков доказ не се достави, одговорноста ќе биде кај одговорното лице.
Целта е да нема злоупотреба и „криење“ зад институции или компании.
ПРЕС24: Дали се направени потребните предлог измени на законите за да може Сејф Сити да профункционира непречено?
ТОШКОВСКИ: Дел од измените се веќе донесени, а дел се во собраниска процедура. Потребни се измени во неколку закони, односно Закон за прекршоци, Закон за безбедност во сообраќајот на патиштата, Закон за возила, Закон за извршување санкции и Кривичниот законик. Работено е со универзитетски професори и правни експерти со цел правната рамка да биде усогласена со Уставот, европските стандарди, заштитата на лични податоци и правото на судска заштита. Целта е системот да биде технички прецизен, правно одржлив и фер кон секој граѓанин.
ПРЕС24: Што станува со приватноста. Има граѓани кои регираат на тој момент?
ТОШКОВСКИ: Заштитата на личните податоци е легитимна грижа и затоа е вградена во самата архитектура на системот. Предложените законски решенија се целосно усогласени со Агенцијата за заштита на лични податоци и подразбираат минимална обработка на податоци, замаглени ликови во известувањата и целосна контрола над пристапот до доказите. Целосните фотографии и материјал ќе се користат само во судска постапка, кога тоа е потребно. Во тест фазата активно ги следиме сите ситуации за да воспоставиме највисок стандард на заштита.
ПРЕС24: Дали системот ќе испраќа и фотографии од прекршоците, или тие ќе се добиваат на друг начин?
ТОШКОВСКИ: Да. Во известувањето граѓанинот ќе добива опис на прекршокот, фотографија од регистарската таблица и фотографија со замаглен лик од тој што го управувал возилото. Доколку се оди со судска постапка, тогаш МВР ќе го испрати целосниот доказен материјал, вклучувајќи и фотографија без замаглен лик.
ПРЕС24: Има ли кадровски капацитет МВР за проширување на овoј систем како што се најавува во други градови, па и автопатишта низ државата?
ТОШКОВСКИ: МВР има капацитет да го одржува и постепено да го проширува овој систем. „Безбеден град“ е замислен како проект што ќе расте фазно, во чекори што се усогласени со техничките, кадровските и финансиските ресурси. Важно е системот прво стабилно да профункционира во Скопје, Куманово и Тетово и коридорите 8 и 10, со цел да ги видиме сите придобивки, да ги искоригираме евентуалните слабости и да создадеме модел што може да се преслика на целата држава.
ПРЕС24: Хипотетички, ако возите низ градот Скопје одредена релација и на нејзе направите два три сообраќајни прекршоци, а тие ги регистрира Сејф Сити камерите, ќе добиете казни за сите поединечно, или една казна?
ТОШКОВСКИ: Секој прекршок што го регистрира системот се третира како посебен настан, исто како што е и во сегашното законодавство и во сите европски модели. Тоа е логиката на сообраќајната безбедност: секое опасно однесување носи свој ризик и затоа се евидентира
одделно. Но суштината не е во бројот на казни, туку во тоа да се спречат ситуации кои можат да завршат со трагедија. Смислата на системот не е да генерира казни, туку да ја смири брзината, да внесе ред и да спаси човечки животи. Тоа го гледаме и во пракса, кога возачите ќе знаат дека секое опасно поведение се евидентира, многу поретко ќе се одлучат на такви маневри. Целта на „Безбеден град“ не е репресија, туку превенција и безбедност, за да не мораме зборуваме за казни, ниту за статистики на загинати.
ПРЕС24: Можно ли е да се случи огромен дел од прекршителите сепак да се одлучат да не ги плажаат казните, да ги оспоруваат. Како тогаш оди процедурата?
ТОШКОВСКИ: Кога некој ќе одлучи да го оспори прекршокот, одлуката е секогаш на судот и тоа е највисокиот механизам за контрола што го гарантира правото на секој граѓанин. Но, важно е да се каже дека кај прекршоците констатирани со техника доказниот материјал е јасен и недвосмислен – точен час, точно место, фотографија. Затоа и очекуваме најголемиот дел од случаите да се завршуваат без судска постапка, како што е пракса во сите земји со слични системи.
Доколку судот утврди дека приговорот бил неоснован, граѓанинот ќе биде изложен на трошоци поврзани со самата судска постапка. Но фокусот не треба да биде на тоа, суштината е дека граѓанинот секогаш има право да се обрати до суд, а системот е дизајниран да биде јасен, автоматизиран и проверлив, со единствена цел да ја зголеми безбедноста на патиштата.
ПРЕС24: Ако се оди на судски процеси, тоа може да предизвика секодневни стотици процеси, кои ниту судовите ќе можат да ги адрсираат. Може ли тоа на долг рок да биде блокада на овој систем?
ТОШКОВСКИ: Не би шпекулирал со сценарија за блокади. Она што е важно е дека системот е конструиран така што во најголемиот дел од случаите нема да има потреба од судска постапка, затоа што доказниот материјал е јасен, прецизен и недвосмислен. Тоа е и искуството на сите држави кои користат вакви системи — најголемиот број прекршоци се неспорни, а судот интервенира само таму каде што навистина постои дилема.
Дополнително, при изготвувањето на законските решенија се водеше голема сметка да се постигне баланс: граѓанинот секогаш да има право на заштита, а истовремено да не се создава непотребно оптоварување на институциите. Нашата цел не е да отвораме што повеќе судски процеси, туку да спречиме што повеќе несреќи. Колку помалку прекршоци има, толку помалку ќе има и судски постапки.
ПРЕС24: Иако не е во ваш домен, сепак реалноста може, барем според овие бројки на прекршоци сега, да биде голем дел граѓани да завршат во банкрот, поради неможноста да ги платат казните?
ТОШКОВСКИ: Логиката на системот е спротивна на тоа бидејќи целта не е репресија, туку спречување на трагедии. Прекршоците кои ги носат најтешките последици, како што се возењето со големи брзини и поминување на црвено светло, како и безобѕирното управување се оние кои најдиректно убиваат. Најевтината и најлесната опција е да се вози по правила. Најскапата е човечкиот живот. Ако системот помогне да имаме еден спасен живот повеќе, тогаш тоа е најголемиот придонес кон јавниот интерес, безбедноста и семејствата чии судбини зависат од една одлука во сообраќајот.

