Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски ја оцени како „голема грешка“ изјавата на Хаќим Рамадани, кандидат за градоначалник на Општина Брвеница од коалицијата Вреди, кој на средба со иселеници во Хамбург рече дека „треба да се знае кој е газда на својата земја“ и дека општините во кои Албанците се мнозинство „мора да ги води Албанец“.
Мицкоски смета дека ваквиот настап им штети и на другите кандидати од коалицијата Вреди што се борат во вториот круг во повеќе општини.
„Со жалење го слушнав сето она што противкандидатот на Јовица Илиевски го кажуваше во една егзалтирана состојба… Мислам дека направи голема грешка, пред сѐ за кандидатите од истата онаа коалиција за која тој настапува. Толку себичен потег досега Македонија не видела“, изјави Мицкоски, додавајќи дека разговарал и со претставници на меѓународната заедница кои „со жалење и неверување“ реагирале на ваквиот речник.
На прашањето дали изјавата на Рамадани ќе има последици врз владината коалиција со Вреди, Мицкоски посочи дека тоа ќе се одрази на личната позиција на кандидатот:
„Откако прво ќе ги изгуби изборите во Брвеница, ќе биде нормално разрешен од позицијата што ја извршува во овој момент.“
Рамадани во моментов е директор на Државниот инспекторат за локална самоуправа.
Во контекст на вториот круг во Кичево, Мицкоски потсети на ставовите внатре во коалицијата Вреди:
„Фатмир Лимани не повика да се гласа против кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ во Кичево. Вреди испрати и соопштение дека не го поддржува Фатмир Дехари како кандидат за градоначалник.“
Тој ги повика Албанците во Кичево, како и сите граѓани на општината, „да размислат за човекот што ги уценува нивните внуки и нивните ќерки, дали е достоен кандидат“, алудирајќи на актуелната кампањска полемика.

