Нашето место во Европа треба да го градиме со реформи, знаење, силни институции и зачувано национално достоинство, порача премиерот Христијан Мицкоски, нагласувајќи дека Македонија мора да биде мудра и обединета на патот кон Европската Унија, и покрај долгогодишното чекање, условувањата и билатералните спорови.
Мицкоски истакна дека е важно во кој правец се движи државата, но и дека мора да се има свест за последиците од минатото и проблемите што се наследени и недоволно решавани од претходните политички елити кои немале искрен и чесен пристап.
„Откако ја презедов оваа функција, сите говорат за желбите, за тоа каде би можеле да бидеме, но малкумина говорат за планините кои ги носиме и проблемите кои ги наследивме. И тие проблеми не дојдоа наеднаш, туку се наследувани и многу малку решавани во минатото. Затоа што се немало искреност и чесен пристап. А многу често политичките елити, особено претходните, се забораваа и на кантар ги ставаа работите кои не само што не се продаваат, туку се дел од нашиот код и од она што сме“, порача премиерот.
Тој нагласи дека македонското име, јазик, култура и историско паметење се дел од националниот идентитет и наследството што треба да им се пренесе на идните генерации. Како претседател на Владата, истакна дека има обврска да го застапува националното достоинство мирно, јасно и доследно, со почит кон сите и барање почит за Македонија.

