Во Македонскиот културно-информативен центар во Софија, вечерва со почеток во 18:30 часот, ќе се одржи настан посветен на животот и историското наследство на Даме Груев, по повод 155 години од неговото раѓање и 120 години од неговата смрт.
Под наслов „Во светлината на слободата – за историското значење на Даме Груев“, пред присутните ќе говори проф. д-р Михајло Марковиќ, кој ќе се осврне на улогата на револуционерот во македонското ослободително движење и неговото место во историјата.
Од Македонскиот КИЦ во Софија посочуваат дека одбележувањето е можност повторно да се отвори разговорот за историските околности во кои дејствувал Груев, неговиот придонес во организирањето на револуционерното движење и идеите што го насочувале неговото дејствување.
Даме Груев бил меѓу основачите на Македонската револуционерна организација, формирана во Солун во 1893 година. Неговата активност била насочена кон организирање на мрежата на Организацијата, поврзување на истомислениците и ширење на идејата за организирана борба за слобода.
Неговото дејствување се одвивало во период на големи политички и општествени превирања, кога македонското револуционерно движење се соочувало со сериозни предизвици. Посветеноста на организациската работа и улогата што ја имал во развојот на движењето го вбројуваат меѓу позначајните личности од тој историски период.
Животот на Груев завршил во 1906 година на планината Петлец. Неговата смрт била значаен настан за револуционерното движење, а неговото име и дејност продолжиле да бидат предмет на историски истражувања и толкувања.
Со вечерашниот настан, Македонскиот културно-информативен центар во Софија има за цел да го поттикне интересот за историското наследство на Даме Груев, како и за пошироките процеси и околности во кои се развивало македонското револуционерно движење на крајот од XIX и почетокот на XX век.

