Двајца осуденици успеале да побегнат од својата соба во Окружниот затвор во српскиот град Прокупље, по што надлежните органи веднаш покренаа опсежна истрага за лоцирање на пропустите во безбедносниот систем.
Од Управата за извршување на кривични санкции информираат дека веднаш по инцидентот биле преземени сите законски мерки за утврдување на одговорноста кај вработените во затворската служба.
Како првичен чекор, веќе е покрената дисциплинска постапка против четворица припадници на Службата за безбедност, при што еден од нив е експресно суспендиран од своето работно место.
Заради спречување на шпекулации во јавноста, од Управата излегоа со подетално образложение за карактерот на самиот објект од каде што е извршено бегството.
„Управата за извршување на кривични санкции веднаш ја информирала јавноста на 15 мај дека ноќта помеѓу 14 и 15 мај, двајца осуденици избегале од својата соба во Окружниот затвор во Прокупље. Заради вистинито и точно информирање, свесни дека ваков настан може да предизвика јавна загриженост, прецизиравме дека Окружниот затвор Прокупље е полуотворена институција во која се испраќаат лица осудени за прв пат на пократки затворски казни за полесни кривични дела“ – велат од Управата за извршување на кривични санкции.
Директорот на затворот потврди дека внатрешната контрола веќе ги детектирала првите сериозни сомнежи за небрежност при извршувањето на чуварските должнсти.
„Дисциплинска постапка е покрената поради основано сомнение дека сите четворица членови на Службата за обезбедување сториле сериозна повреда на должноста согласно член 109, став 1, точка 1 од Законот за државни службеници (неизвршување или небрежно, ненавремено или небрежно извршување на должности или наредби на претпоставен)“ – наведуваат тие.
Надлежните потенцираат дека вонредниот инспекциски надзор сè уште е во тек, но деталните информации околу текот на одбраната на вработените нема јавно да се објавуваат.
„Сакаме да истакнеме дека нашите извештаи се означени како „доверливо“. Никогаш не откриваме детали за каква било дисциплинска постапка на јавноста бидејќи законот не ни дозволува тоа, особено затоа што секој државен службеник против кого се води дисциплинска постапка има право да ја презентира својата одбрана за време на постапката. Управата за извршување на кривични санкции повторно ќе постапува одговорно кон сите страни во дисциплинската постапка“ – децидни се од Управата.
Двајцата затвореници во моментов сè уште се наоѓаат во бегство, а од Управата потсетуваат дека активната потрага на терен и распишувањето потерници се во надлежност на Министерството за внатрешни работи.

