Бројот на милионери во Холандија бележи значителен пораст, главно како резултат на зголемувањето на цените на становите и недвижностите, покажуваат најновите податоци на Холандското централно биро за статистика (CBS).
Според податоците, околу 547.000 домаќинства во земјата, што претставува 6,6 отсто од вкупниот број, имаат средства во вредност од најмалку 1 милион евра. Ова претставува зголемување за 81.000 домаќинства во споредба со претходната година.
Просечното домаќинство со милионски имот располага со средства во вредност од 1,5 милиони евра. Анализите покажуваат дека две третини од овие домаќинства поседуваат средства меѓу 1 и 2 милиони евра, една четвртина имаат меѓу 2 и 5 милиони евра, додека само 3 проценти располагаат со богатство од 10 милиони евра или повеќе.
Што се однесува до структурата на нивниот капитал, 39 проценти од средствата на милионерите се состојат од значајни деловни удели и средства, додека вредноста на нивните сопствени станови учествува со 29 проценти. Статистиката покажува и дека просечната возраст на милионерите изнесува 61 година, при што речиси 70 отсто од нив се на возраст од 55 години или повеќе, додека под 35 години се само околу 3 отсто од нив. Географски гледано, најголема концентрација на милионерски домаќинства е забележана во општините Блумендал и Ларен, каде што речиси две од секои пет домаќинства ја имаат оваа финансиска состојба.

