Русија засега не забележува никаква промена во пристапот на европските земји кон конфликтот во Украина, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, додавајќи дека тие продолжуваат да ја осудуваат Москва и да бараат прекин на војната, игнорирајќи ги самите причини за кризата, пренесува „Либертас“.
За време на средбата со главните уредници на африкански медиуми, Лавров истакна дека европските држави усвојуваат документ по документ и држат говори со кои бараат прекин на агресијата, но целосно го занемаруваат почетокот и корените на проблемот.
„Засега не забележуваме промена во пристапот на Европа, која усвојува документ по документ, држи говори и дава изјави со кои ја осудува Русија и бара да се запре агресијата, целосно игнорирајќи го она од што започна сè“, рече Лавров.
Тој нагласи дека додека европските земји до неодамна отворено одбивале било какви контакти со Русија, сега сè почесто зборуваат за потребата од нивно обновување, но според него, во неодамнешните разговори со европските претставници сè уште нема ништо ново. Шефот на руската дипломатија оцени и дека Европа настојува да се вклучи во преговарачкиот процес за Украина, но дека останува нејасно со какви конкретни ставови би учествувала.

