Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина има реалистичен пристап кон своите стратешки цели – членството во НАТО и враќањето на Крим – но нагласи дека официјалната позиција на Киев за статусот на полуостровот останува непроменета.

Зеленски го даде коментарот одговарајќи на новинарско прашање на Би-би-си за изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за „Политико“, во која тој тврдеше дека Зеленски уште во 2019 година го замолил рускиот претседател Владимир Путин да го врати Крим и да ја поддржи Украина за членство во НАТО.

Украинскиот претседател не ги потврди тие наводи, но рече дека е можно во минатото да се разговарало на различни дипломатски нивоа.

„Ние сме реалисти. Навистина сакаме да бидеме во НАТО, тоа е фер. Но, знаеме дека САД и некои други земји во моментов не ја гледаат Украина како членка на Алијансата. А Русија, тоа е јасно, никогаш нема да сака да нѐ види таму“, изјави Зеленски.

Говорејќи за Крим, тој отворено призна дека Украина моментално нема ни воена ни политичка моќ да го врати полуостровот под своја контрола.

„Дури и денес, кога станува збор за Крим, немаме сила целосно да го вратиме. Можеби тоа го кажав уште на првата средба, и верувам дека бев во право“, рече Зеленски, додавајќи дека недостигот од реална сила и широка меѓународна поддршка не значи промена на принципиелната украинска политика за територијалниот интегритет.

Според него, прашањето за Крим останува едно од најкомплексните во меѓународната дипломатија, а нивото на согласност кај партнерите околу неговиот статус сè уште е ограничено.

Зеленски исто така порача дека е подготвен да организира избори, но потсети дека тоа може да се случи само под обезбедени услови, со промени во законот и со поддршка од САД, Европската Унија и украинскиот парламент, имајќи ја предвид воената состојба во земјата.

Exit mobile version