Идниот државен јавен обвинител мора да биде заколнат борец за владеење на правото и личност која ќе биде целосно отпорна на партиски и политички влијанија, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, коментирајќи ја постапката за смена на врвот во Обвинителството.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа каков профил на човек е потребен на оваа позиција, таа истакна дека бара личност која ќе биде „круна на целиот обвинителски систем“.

„Сакам бескомпромисен борец за почитување на законите. Човек, бидејќи јавните обвинители се надлежни нели за гонење на сторителите на кривични дела… Значи, некој којшто ќе биде заколнат борец за владеење на правото, некој којшто ќе биде отпорен на партиски и на политички влијанија“, децидна е Сиљановска-Давкова.

Претседателката нагласи дека ако нема суштински промени во обвинителството преку избор на ваков профил, нема да има ниту успешни судски реформи. Таа потсети дека според сите истражувања, корупцијата и криминалот се перцепирани како најтешкиот проблем со кој државата мора да се справи.

Exit mobile version