Зајкова: Секој човечки живот е важен, не смееме да се плашиме да го кренеме гласот против нечовечните, тирански режими

 

Исправени сме пред новата мрачна реалност, секојдневни конфликти, нови жестоки воени жаришта и бранови на терористички напади, нуклеарни закани, сајбер војни, глад, несигурност и брутални насилства насекаде во светот. Не смееме да дозволиме ваквите акти на агресија да бидат заборавени, рече Моника Зајкова за време на изложбата „Украина памети, светот препознава“ по повод Меѓународниот ден за заштита на децата во организација на амбасадата на Украина.

- Имаме одговорност кон самите себе, кон граѓаните во сопствените држави а и кон сите луѓе ширум светот да ги преземеме сите можни  превентивни мерки за ова зло да не биде повторено. 

Им должиме на сите згаснати невини детски животи и на сите пролеани солзи за загубата на родители, деца и воопшто човечки животи да се сеќаваме на ваквите немили настани како своевиден потсетник за превисоката цена платена за да се научи животна лекција- Секој човечки живот е подеднакво вреден, независно дали зборуваме за Македонец, Албанец, Турчин, Украинец или припадник на било која држава и која било националност, рече таа.

Зајкова посочи дека на светот му требаа цели 90 години да признае на ниво на влади или парламенти во голем број на држави од демократскиот свет дека Гладоморот е акт на геноцид а Европскиот парламент на 23 октомври 2008 година усвои Резолуција со која се признава Гладоморот како злосторство против човештвото и истото треба да го направат сите земји.

-Масовната глад во Советска Украина, или “гладоморот” уште нарекуван и “украински геноцид” или “украински холокауст”, се смета за една од најтешките национални катастрофи во украинската историја, со жртви проценети на неколку милиони, рече Зајкова.

-Не смееме да се плашиме да го кренеме гласот против нечовечните, тирански режими кои како пред 90 години, така и денес се одговорни за убиството на милиони луѓе. Се сменија играчите, но играта и понатаму остана иста. Ништо не е променето освен името на диктаторот и начинот на убивање, рече таа.

 

 
 
09.06.2023 - 12:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа