Новоматик Македонија ќе ја финансира македонската гордост ФК Вардар со 1 милион евра годишно

 

Најавите се остварија. На голема радост на фудбалските навивачи, македонската фудбалска гордост ФК Вардар денеска доби генерален спонзор со официјално потпишување на договор за соработка. Претставникот на светски реномираниот aвстриски бренд во игрите на среќа Новоматик Македонија, одлучи со финансиска програма од 1 милион евра годишно да ги поддржи амбициите на менаџментот, спортскиот колектив и легендарните „Комити“ за враќање на ФК Вардар на старите славни патеки.

Договорот за главно спонзорство беше потпишан од страна на директорот на Новоматик Македонија, Александар Симовиќ и претседателот на ФК „Вардар“, Милорад Миленковски.

„ФК Вардар е вистинска гордост на македонскиот спорт и претставува синоним за фудбалската традиција во регионот и пошироко. Основан во далечната 1947, Вардар е симбол за најголемите македонски спортски успеси. Со освоените 11 национални првенства и 5 национални купови Вардар е најтрофејниот и најпознатиот македонски фудбалски клуб, кој отсекогаш бил расадник на млади таленти кој подоцна доживувале балканска и светска слава. Затоа ни претставува голема чест што на дресовите на овој македонски спортски великан ќе стои логото на нашата компанија. Нема никаква дилема дека поддршката за професионалниот спорт значи и сериозен придонес во правилниот развој и воспитување на младите.

Младите генерации гледаат свои идоли во професионалните спортисти и вообичаено се идентификуваат со индивидуалните и колективни спортски успеси. Морам да потенцирам дека лојалноста, посветеноста и борбениот дух на верните навивачи „Комити-Запад“ особено нѐ инспирираа да ја донесеме оваа важна одлука. Искрено веруваме дека ова наше партнерство ќе донесе нова ера на спортски успеси на Вардар, кои долго ќе се паметат. Ќе бидеме среќни ако оваа наша одлука биде мотив и за други компании да го следат нашиот пример и да дадат свој придонес во развојот на македонскиот спорт, кој е многу важен сегмент за среќна и задоволна нација“, истакна Марија Митревска, претставник на Новоматик Македонија.

Претседателот на ФК „Вардар“, Миленковски изрази голема благодарност до компанијата за поддршката кон клубот и особено за напорите на верните навивачи да го вратат најголемиот спортски бренд во државава повторно кон патот на врвни спортски успеси.

„Ова за нас е посебен момент и свечен чин кој предизвикува возбуда. Целиот наш труд заедно со поддршката која ја добивме, наиде на препознавање. Горд сум дека нашата енергија е препознаена и Вардар добива нова светла иднина. Потпишуваме договор за генерално спонзорство со Новоматик Македонија и сме горди за тоа. Токму таков поттик ни беше потребен, да влезе во нашиот клуб и се надеваме дека други компании ќе ја следат. Преку духот кој го има Новоматик Македонија, ни дава посебен мотив на стартот на сезоната. Утре одиме на подготовки, а се надеваме дека ќе успееме да направиме успех во новата сезона“, истакна Миленковски.

Претставникот на новиот генерален спонзор на Вардар истакна дека немаат амбиции да раководат со управата на клубот, освен што ќе номинираат свој претставник кој ќе биде задолжен единствено за вршење надзор на финансиското работење.

Настрана од средствата, кои задолжително се слеваат во државниот буџет од приредувачите на игри на среќа за финансиските програми на Агенцијата за млади и спорт, и со оваа многу важна одлука Новоматик Македонија продолжува да го подржува развојот на македонскиот спорт.

Со оваа одлука за генерално спонзорство на ФК Вардар продолжува партнерството на Новоматик Македонија со заедницата. Овој светски бренд преку со преку 2 илјади вработени веќе 18 години е присутен на домашниот пазар на игри на среќа. Новоматик Македонија никогаш на отстапува од корпоративното мото – секогаш општествено одговорна компанија!

Новоматик Македонија со години наназад е сигурен партнер на заедницата и во континуитет подржува различни граѓански иницијативи, проекти и реализира бројни хуманитарни и донаторски активности во најзначајните општествени сфери, јавното здравство, спортот и културата.

09.07.2024 - 14:46

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега