Интернет користеле 93,7 проценти од населението во земјава на возраст од 15 до 74 години во првото тримесечје од 2026 година, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика за употребата на информациско-комуникациските технологии (ИКТ) во домаќинствата и кај поединците.
Пристап до интернет од дома имале 91,2 проценти од домаќинствата во истиот период, што укажува на висок степен на поврзаност и сè поголема застапеност на дигиталните услуги во секојдневието.
Според статистичките податоци, 81,2 проценти од населението користеле интернет неколкупати во текот на денот. Истиот процент од граѓаните во последните 12 месеци нарачувале или купувале стоки и услуги преку интернет.
Меѓу најзастапените активности на интернет се телефонирањето и видеоповиците преку интернет, кои ги користеле 93,5 проценти од населението. Во оваа категорија се вклучени апликации како Skype, FaceTime, Messenger, WhatsApp, Viber и Snapchat.
Висок процент е забележан и кај размената на пораки преку интернет, која ја користеле 88,4 проценти од населението, главно преку апликации како Skype, Messenger, WhatsApp и Viber.

