Од коалицијата ВРЕДИ реагираат на информациите за понудената гаранција за Артан Груби, наведувајќи дека за негово пуштање од притвор биле понудени имоти во вредност од над 335 илјади евра.
Од ВРЕДИ прашуваат чиј е имотот понуден како гаранција и на кој начин е стекнат.
„Денес гледаме луѓе од таборот на Груби кои нудат имот како гаранција. Но, прашањето останува: Чиј е тој имот и како е стекнат?“, велат од коалицијата.
Во реакцијата се прави споредба со економската состојба на граѓаните и се тврди дека за време на долгогодишното владеење на ДУИ голем број Албанци ја напуштиле земјата во потрага по подобри услови за живот.
Од ВРЕДИ наведуваат дека според нивните податоци, над 350 илјади Албанци заминале во странство, оценувајќи дека зад оваа бројка стојат разделени семејства и млади луѓе кои иднината ја побарале надвор од земјата.
Од коалицијата истакнуваат дека додека граѓаните заминувале поради економски причини, функционерите на ДУИ стекнувале имот, а денес нивни поддржувачи застануваат во одбрана на Груби.
„Тоа е разликата меѓу проблемите на граѓаните и проблемите на ДУИ“, наведуваат од ВРЕДИ.
Од коалицијата додаваат дека нивниот фокус е создавање услови младите да останат во земјата, а оние што заминале да имаат причина да се вратат.

