Водата во Основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во скопски Карпош е санитарно исправна и може непречено да се употребува, покажаа резултатите од вонредниот надзор што го изврши ЈП „Водовод и канализација“.
Анализите беа направени по итна постапка откако голем број ученици се пожалија на стомачни тегоби, а дел од родителите се сомневаа во квалитетот на водата бидејќи некои од заболените деца воопшто не јаделе во училишната кујна.
Секторот за санитарна контрола зел четири примероци од две локации – училница и кујна, за физичко-хемиска и микробиолошка анализа.
„Од добиените резултати сите примероци физичко-хемиски и микробиолошки ОДГОВАРААТ на Правилникот за барање за безбедност и квалитет на водата за пиење… при што констатираме дека водата во ООУ ‘Димо Хаџи Димов’ во Општина Карпош е санитарно исправна и може непречено да се употребува“, соопштија од претпријатието.
Бидејќи водата е исклучена како причинител, денеска се очекуваат резултатите од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за да се утврди вистинскиот извор на заразата.
Паралелно, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) прошири вонредни контроли во кујните на уште девет основни училишта во Општина Карпош. Причината е што со сите овие кујни стопанисува истиот оператор со храна, кој се снабдува од централниот магацин лоциран токму во „Димо Хаџи Димов“.

