Полицијата во Штип истражува два случаја на дрска измама извршени врз повозрасни граѓани во текот на вчерашниот ден (30.01.2026), при што жртвите останале без значителна сума на пари и злато. И во двата случаи, сторителите користеле идентично сценарио – лажно се претставувале како лекари и барале пари за итна операција на близок член на семејството.
Првиот случај е пријавен претпладнето во 11:30 часот. Жртва бил 96-годишен маж, кому му се јавило лице кое се претставило како лекар. Измамникот му рекол дека неговата ќерка има скршеници и мора итно да се оперира. Вознемирениот старец, следејќи ги инструкциите, од својот балкон фрлил 3.500 евра, кои ги зело непознато лице што чекало долу.
Истата шема се повторила попладнето, во 16:30 часот. Овој пат жртва била 77-годишна жена. Со истата приказна за „тешко повредена ќерка“, измамниците ја убедиле да им предаде 3.000 евра, 30.000 денари и златен накит. Парите и златото таа ги предала на женско лице кое дошло под нејзиниот балкон.
И двајцата пензионери сфатиле дека се измамени дури откако стапиле во контакт со своите вистински ќерки. СВР Штип презема мерки за пронаоѓање на сторителите.

