ВМРО-ДПМНЕ во Собранието поднесе Предлог-одлука за разрешување на Филипче
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска до претседателот на Собранието, Талат Џафери ја достави предлог одлуката за разрешување на актуелниот министер за здравство, Венко Филипче поради катастрофалниот пожар во модуларната болница во Тетово.
Во образложението на Предлог-одлуката се наведува дека се поднесува поради непрофесионално, ненавремено и неадекватно справување со пандемијата предизвикана од ковид-19 и последиците од неа.
„Ненавремено набавување на вакцини на кои претходеа со низа скандали за нивна набавка, недостиг на кадар, персонал, нехумани услови и нелогични мерки за справување и намалување на последиците од ковид-19.
И за крај, ова разрешување наместо да беше оставка од морални и функционални причини, односно поради трагичниот настан којшто се случи во модуларната болница во Тетово каде што во пожарот животот го загубија 14 луѓе, ќе биде разрешување по барање на народот преку пратениците во Собранието. Нефункционалноста на Министерството за здравство раководено од министерот Венко Филипче покажа дека не е способен да се грижи за граѓаните и нивното здравје. Напротив, тоа предизвика губење на 14 животи“, пишува во на Предлог-одлуката.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа