ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека СДСМ и лидерот на партијата Венко Филипче шират манипулации во врска со случајот со Алта банка. Од партијата велат дека случајот со Алта банка не може да се споредува со пропаѓањето на Еуростандард банка, бидејќи станува збор за различни случаи со различна правна основа.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека во 2019 година од Венецуела, која тогаш била под меѓународни санкции, биле префрлени 110 милиони евра на сметки на фирми за кои велат дека биле блиски до семејството Заеви. Според партијата, трансакциите се одвивале преку нерезидентни сметки на фирми регистрирани во Скопје, а дел од средствата поминувале и преку руски банки.
Од партијата обвинуваат дека овие фирми оствариле добивка од речиси 13 милиони евра преку неплаќање кредити, на штета на останатите штедачи во банката.
Како пример ја посочуваат фирмата „Сара инженеринг“ ДОО Струмица, за која наведуваат дека во минатото била во сопственост на Вице Заев, а нејзин актуелен директор е Стојан Коциров, член на Централниот одбор на СДСМ. Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека фирмата има неподмирени даночни обврски кон Управата за јавни приходи.
Во однос на Алта банка, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека надлежните институции транспарентно го информирале јавноста за случајот и дека Народната банка презема мерки за надзор над работењето на банката. Според партијата, гувернерот потврдил дека банката е ликвидна, а назначувањето привремени управители е законска можност предвидена со Законот за банките. Нивната задача, како што наведуваат, е да го контролираат работењето, продажбата на акции и имотот, како и одливот на средства во странство, со цел заштита на имотот на банката и интересите на граѓаните.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека Венко Филипче и СДСМ треба да сносат одговорност согласно член 315 од Кривичниот законик, за кој тврдат дека предвидува казни за загрозување на безбедноста и уставниот поредок и предизвикување значителна штета.

